X
 29.11.2024 Живот

Интервју со проф. д-р Петре Ламески, продекан на ФИНКИ: Стратегиското партнерство помеѓу ФИНКИ и А1 Македонија е пример за развој и унапредување на работната сила во земјава

Новиот модул на A1 Academy „Вештачка интелигенција во бизнисот - AI in Business“ е проширен со специјално предавање на професори од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, со што ќе придонесат кон збогатување на содржините на оваа тема.

Петре Ламески, продекан на ФИНКИ и гостин-предавач на A1 Academy, ни открива повеќе детали за стратегиската соработка помеѓу A1 и ФИНКИ, неговиот став за неформалното образование и кои се придобивките од оваа партнерска иницијатива.

Во јуни А1 Македонија објави стратегиска соработка со ФИНКИ. Какви се придобивките по неколку месеци од објавувањето на стратегиското партнерство?

Стратегиската соработка помеѓу А1 Македонија и ФИНКИ претставува одличен пример за синергија меѓу академските и корпоративните институции. Неколку месеци по објавувањето на оваа иницијатива, резултатите веќе се видливи. ФИНКИ преку партнерството со А1 Македонија годинава ги унапреди своите просторни капацитети и заедно со А1 Македонија работиме и понатаму ќе работиме на унапредување на условите за студирање на нашите студенти. А1 Македонија преку своите бесплатни обуки, со поддршка од ФИНКИ, им овозможува на поединци од различни професионални и академски позадини, пристап до практични и современи знаења. Ова партнерство покажува како општествено одговорниот пристап може да придонесе за долгорочен развој и унапредување на работната сила во Македонија, обезбедувајќи можности за образование за сите.

Како резултат на оваа соработка, ќе бидете гостин предавач на А1 Academy. Бидејќи доаѓате од ФИНКИ, каков е Вашиот став за неформалното образование и кои се придобивките?

ФИНКИ е водечки факултет во областа на техничките науки, но треба да се има предвид дека компјутерските науки и информатиката не се за секого, во смисла дека е потребен огромен напор за да се создаде висококвалитетен кадар што ќе може да дизајнира и да имплементира дигитални решенија со висок квалитет. Од аспект на корисници на дигитални решенија и технологии, во денешно време дигиталната писменост е основна потреба за сите, без разлика на професионалната ориентација. Како професор на ФИНКИ, сметам дека неформалното образование е од суштинско значење како надополнување на формалниот образовен процес. Динамиката на модерните технологии и постојаните промени на пазарот на трудот бараат континуирано учење и надградување. А1 Academy е извонреден пример за тоа како вакви програми можат да овозможат пристап до современи знаења за широк круг луѓе. Преку нив се создава култура на доживотно учење, која е неопходна во ова време на дигитална трансформација.



„Вештачка интелигенција во бизнисот“ е новиот модул на A1 Academy. Што вели науката, кои се предностите но и предизвиците што ги гледате при примената на вештачката интелигенција во бизнисот?


Примената на вештачката интелигенција во бизнисот носи огромни придобивки како автоматизација на процесите, информирано носење одлуки и подобрување на процесот на носење одлуки во бизнисот, персонализација на услуги и значително зголемена ефикасност. Предизвиците не треба да се занемарат. Прашањата како транспарентноста на алгоритмите, заштитата на податоците, етичките импликации и потребата за обука на човечки кадар за работа со ВИ се клучни за успешно имплементирање. ФИНКИ во своите студиски програми овозможува запознавање на студентите со ВИ и примена на ВИ во дизајнот и во имплементацијата на дигиталните решенија. А1 Academy со овој модул овозможува лицата што немаат формално информатичко образование, да се запознаат со овие теми што на лицата со информатичко образование им се доста познати, а лицата со информатичко образование да ги освежат своите знаења.

Какви се Вашите согледувања за студентите што ќе ја завршат академијата во поглед на нивната кариерна подготовка?

Студентите што ќе ја завршат A1 Academy ќе стекнат значителна предност поради зголемената дигитална писменост. Во денешниот дигитално ориентиран свет, дигиталната писменост претставува основа за успешна кариера во речиси сите индустрии. Со самото тоа што е бесплатна, академијата им нуди на сите заинтересирани, кои можеби претходно ја немале таа можност, да се запознаат со дигиталните технологии и да се стекнат со компетитивна предност на пазарот на трудот во Македонија и надвор од нејзините граници.


Тагови:

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот