X
 29.12.2021 Живот

Работа од соништата - 85.000 долари за патување низ светот

Инфлуенсери што сакате патувања, ова е за вас: осигурителна компанија сака да ви плати 85.000 долари за да патувате низ светот една година.

Компанијата „Иншуренкс“, која се занимава со споредба на осигурувањата, неодамна објави позиција која подразбира меѓународно патување еднаш месечно во текот на една календарска година додека пишувате блогови, снимате видеа и објавувате за вашите авантури на социјалните мрежи. Ќе биде избран само еден кандидат, соопшти компанијата.

На тоа лице дополнително ќе му бидат доделени 2.000 долари за повратни летови, 3.000 долари за сместување, 600 долари за храна и пијалаци, 1.000 долари за активности и 500 долари за изнајмување возила. За да заработите, исто така, ќе треба јавно да ги промовирате осигурителните пакети на компанијата.

Но, периодот може да е прилично непогоден: новата варијанта омикрон моментално се шири низ целиот свет. Повеќе земји го ограничија меѓународното патување во последниве недели, вклучувајќи ги Индија, Австралија и неколку земји од Европската Унија.

Иако една година патување звучи како одлична можност, постојат ризици да станете скитник со полно работно време.

Честото патување ги нарушува рутините - особено ако патувате низ повеќе временски зони. Клиниката „Мајо“ предупредува дека џетлагот може да влијае врз срцевиот ритам, да го наруши сонот, да влијае врз концентрацијата и да предизвика гастроинтестинални нарушувања. Исто така, може да доведе до зголемување на телесната тежина.


Ако сè уште сте заинтересирани за работното место, ќе треба да објавите видео од 60 секунди на „Инстаграм“ како дел од апликацијата, во кое ќе објаснете зошто тоа е вашата работа од соништата. Исто така, ќе треба јавно да номинирате други пријатели, членови на семејството или други луѓе што би сакале да аплицираат за местото.

Според веб-страницата на компанијата, судиите ќе го изберат „најкреативниот запис“.

Апликантите мора да имаат најмалку 18 години и да имаат валиден пасош. Рокот за апликации е до 31 јануари.

ТУКА можете да добиете повеќе информации за аплицирањето.

Извор: CNBC
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот