X
 30.05.2019 Наша тема

Јас не заминав: Жално е кога колеги-доктори ќе ви понудат плата од 12.000 денари

Матичниот лекар е многу повеќе од препишување лекови и упатувања до специјалисти. Пациентите бараат посветеност, емпатија, внимание и насмеано лице, вели младата докторка Мартина Павлова (28) од Скопје. Во време кога нашата земја цела деценија се соочува со одлив на кадри, ова се луѓето што решија да не заминат. Нивните приказни ги објавуваме во рубриката „Јас не заминав“

Дипломирав медицина и добив специјализација. Не ја почнав. Не сакав да потпишам недоречен, двосмислен, нејасен договор. Тогаш првпат во мојот живот се соочив со реалноста на еден млад доктор во Македонија, вели младата докторка Мартина Павлова (28) од Скопје. Во време кога земјава се соочува со голем дефицит од матични лекари и други медицински кадри, таа решила да остане тука, да направи промени. Ова е нејзината приказна.


Д-р Мартина Павлова

Д-р Мартина Павлова работи како доктор по општа медицина – матичен лекар во ординацијата „Асклепиос 2“. Дипломирала на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје во 2015 година. На почетокот на наредната година ја зела лиценцата за работа како доктор по општа медицина.
- Откако дипломирав, веднаш почнав да работам како општ доктор. Сметам дека секој млад доктор пред започнување специјализација во одредена област треба да стекне искуство и пракса во примарното здравство за навистина да ја почувствува медицината - вели Павлова.

Не ја почнала специјализацијата

Гинекологијата била нејзина желба откако ќе дипломира на Медицинскиот факултет. Добила специјализацијата по гинекологија и акушерство на еден од конкурсите објавени од Министерството за здравство.

- Не ја почнав специјализацијата. Не сакав да потпишам обврзувачки договор кој е недоречен, двосмислен, нејасен. Тогаш првпат во мојот живот се соочив со реалноста на еден млад доктор во Македонија, полна со надеж и желба за унапредување и работа. Останав во примарното здравство и веќе три години работам како матичен лекар. Променив неколку ординации и запознав прекрасни доктори од кои многу научив. Секој ден е различен, ме исполнува, а пациентите се тие што постојано ме потсетуваат зошто сакав да станам доктор. Матичниот лекар е многу повеќе од препишување лекови и упатувања до специјалисти. Пациентите бараат посветеност, емпатија, внимание и насмеано лице - вели д-р Павлова.


Искуството во примарното здравство е неопходно

Од нејзиното досегашно искуство може да заклучи дека во примарното здравство условите се разликуваат од ординација до ординација, а разликите некогаш се значително големи. Тоа, пред сè, се однесува на условите за работа, на односот на сопствениците и на платата.
- Зборувајќи околу финансиите, платите на млади матични лекари почнуваат од минималната на ниво на држава, а ретко се движат над просечната. Треба да се има предвид дека студирањето медицина не е само временски подолго отколку на другите факултети, туку истовремено претставува и значителна финансиска инвестиција за студентот, особено во приватната квота. Жално е да се посветат толку години макотрпно учење, да се заврши факултет и да ви понудат плата од 12.000 денари. И тоа да ви понудат ваши колеги, доктори кои би требало најмногу да ги разбираат вашите проблеми. Затоа не ме изненадува сликата дека нема матични лекари во државата. Од друга страна, јас имав среќа да се вработам во ординацијата на д-р Лидија Ристовска (специјалист интернист, супспецијалист кардиолог), каде што матичниот лекар се чувствува вреднуван. Таа е човек кој постојано ме мотивира и ме поддржува да се остварам како подобра личност и доктор - објаснува Павлова.

Матичните лекари не се вреднуваат

Со слични проблеми се соочуваат и земјите во регионот. Лекарите од Хрватска што решиле да останат во татковината велат дека најсилна причина за миграција не се платите, туку нефер форсирање на неквалитетни кадри во здравството. На прашањето каква е состојбата во нашата земја, Павлова вели дека постојат многу фактори поради кои лекарите си заминуваат од Македонија. Некогаш е висината на платата, но многу почесто севкупните услови за работа и можностите за напредување.
- Сè уште живееме во општество каде што станувањето доктор е борба, особено за тие што потекнуваат од недокторско семејство. Примарното здравство е потценето, а матичните лекари не се вреднуваат – и покрај тоа што сè започнува и завршува тука. Дефинитивно фали поголем фокус од институциите за мотивација на матичните лекари, за промена на условите и законите за работа. Меѓутоа, пожртвуваноста и упорноста секогаш се исплатат, и за сите што се трудат и вложуваат во себе има место каде што ќе се пронајдат и остварат. Мојот сон е подигнување на здравствената услуга на повисоко ниво - вели д-р Павлова.


„Со партнерот решивме да останеме тука и да создадеме иднина“

Засега таа останува во Македонија. Но, не може да гарантира дека засекогаш ќе биде така.
- Тешко е да се одговори. И покрај тоа што постоеше шанса за заминување, со партнерот решивме да останеме и тука да создадеме иднина. Двајцата сме посветени млади луѓе кои вредно и смело чекорат низ животот. Тука се и моето семејство и пријателите, без кои не би можела да си го замислам денот. Но, прашањето секогаш ќе стои отворено, од животот зависи кој ќе биде одговорот - вели д-р Павлова.
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема