X
 30.08.2023 Живот

Со промоција на зборникот „Шопов на 11 јазици“ завршува 56. Летна школа на МСМЈЛК

Во Конгресниот центар на УКИМ во Охрид денеска ќе биде промовиран зборникот „Шопов на 11 јазици“, објавен по повод јубилејот 100 години од раѓањето на Ацо Шопов, а во рамките на 56. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ).

Објавувањето на Зборникот е дел од националната програма „2023. Година во чест на Ацо Шопов“.

Станува збор за единствен зборник од ваков формат во кој се објавени преводи на песни од великанот на современата македонска литература и култура, Ацо Шопов, на толку јазици, со вклученост на поголем број странски македонисти, познавачи на македонскиот јазик, литература и култура.

Конкретно, Зборникот е произлезен од Третата зимска школа на МСМЈЛК при УКИМ, која се одржа во јануари годинава како прва активност во рамките на националната програма „2023. Година во чест на Ацо Шопов“. Преводите објавени во него се на учесниците на Зимската школа од групата по литература, подготвени во текот на Школата и во периодот непосредно по нејзиното завршување, а со неколку преводи се вклучени и уште неколку странски македонисти кои по завршување на Школата изразија желба и подготвеност да остварат влог во вакво, значајно издание.

Промотори на зборникот ќе бидат директорката на МСМЈЛК при УКИМ, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска и ас. м-р Иван Антоновски, кој ја водеше лекторската настава по литература на Третата зимска школа од која произлезе Зборникот.

Со оваа промоција се заокружуваат активностите на 56. Летна школа на МСМЈЛК при УКИМ.
Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот