X
 30.09.2025 Живот

По 75 години брак, сопружници даваат совети за љубовта какви што никој не очекува

Повеќето луѓе сонуваат за љубов што трае цел живот, но малкумина ја доживуваат. Сали и Џозеф Литлвуд (на возраст од 99 и 98 години) се жив доказ дека тоа е можно. Склопиле брак за време на Втората светска војна, а сè уште се заедно, речиси осум децении подоцна и нивната приказна звучи како мешавина од книга за историја и љубовен роман.

Тие создале семејство, преживеале долги разделби и социјални превирања, а нивната врска само се зацврстувала со текот на годините. Секако, секој сака да ја знае тајната на љубовта што трае толку долго.

По 75 години заедно, нивниот најдобар брачен совет е доста неочекуван.

- Советот што би им го дала на младите луѓе што се земаат денес е: расправајте се многу, но секогаш смирувајте се - изјавила Сали Литлвуд.

Таа и нејзиниот сопруг сметаат дека караниците се клучот за долготрајна врска. Зошто? Затоа што по караниците доаѓа смирувањето.

- Никогаш не вреди ништо да се чува во себе. Луѓето секогаш се караат, а сигурно сме имале многу караници во последните 75 години, но важно е да се продолжи понатаму - вели Сали.

Сали и Џозеф се запознале пред повеќе од 80 години. Како за контекст - оригиналниот „Кинг Конг“ сè уште се прикажувал во кината, а Хитлер штотуку дошол на власт. Тие се венчале на почетокот на Втората светска војна и сè уште се вљубени.


- Младите денес почнуваат да живеат заедно без да знаат што сакаат еден од друг. Ако почнувате да живеете со некого или се мажите, мора да знаете дека ја сакате таа личност - вели Сали.

Сали ја припишува денешната висока стапка на разводи на фактот дека луѓето често не знаат што сакаат.

- Кога бевме млади, луѓето едноставно остануваа заедно, а тогаш имаше додворување кое денес речиси не постои - додава Џозеф.

Дури и современите истражувања покажуваат дека паровите што се запознаваат „на старомоден начин“ - лично, преку состаноци и време поминато заедно - се посреќни и постабилни од оние што се запознаваат претежно преку интернет. Сали и Џозеф биле свршени три години, што им дало многу време да се запознаат. Џозеф ја освоил со чоколадо по танц каде што „сите момчиња стоеле на едниот крај, а девојчињата на другиот“.

- Секогаш ќе го паметам нашиот танц, а потоа ме прошета и ми купи чоколадо. Тој доаѓаше од богато семејство, а ние бевме навистина сиромашни - тој целосно ме шармира. Работеше во финансии, а јас работев од 6:30 до 17 часот секој ден во фабрика за памук. Потоа се заљубивме - се присетува Сали.

Неколку недели по нивната венчавка во 1939 година, Џозеф отишол во војска и тие не се виделе сè до крајот на војната во 1945 година. Иако ги поминале првите шест години од нивниот брак разделени, си пишувале љубовни писма затоа што тоа било единствениот начин да преживеат.

- Само му пишував за тоа што правам и дека го сакам - вели Сали.

Сали и Џозеф имаат две деца - Вин, 68, и Теренс, 66.

 

Врските се комплицирани и тешки, но големите студии покажуваат дека оние што вложуваат труд имаат постабилни и посреќни бракови.

Извор: 24sata.hr

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот