X
 30.09.2025 Живот

Пресврт на пазарот на луксузни производи - модната индустрија е во опаѓање, расте интересот за накит и дијаманти

Се очекува глобалниот пазар на луксузни производи да порасне приближно за 5-6 % оваа година во споредба со 2023 година, со особено зајакнување на сегментот на висока мода, ексклузивни патувања и уникатни искуства.

Ново е тоа што модната индустрија доживува пад, додека накитот и дијамантите повторно доживуваат раст. Причината е фундаменталната разлика во нивната вредност и промената во однесувањето на потрошувачите во последните години, смета Ивана Лаковиќ, претседател на Јадранската луксузна бизнис-асоцијација АЛБА.

Според најновите анализи, 2024 година завршила со раст од 3 %, а оптимистите предвидуваат дека оваа година ќе има максимален раст на вредноста од 5-6 % (изразена во евра) благодарение на луксузните патувања и искуства.

Сепак, ова е веќе значително побавно од двоцифрениот раст што бил вообичаен пред и веднаш по пандемијата.

САД - мотор на растот

Во моментов, клиентите од САФ се најстабилниот мотор на растот, со проекции за зголемување помеѓу 4 и 6 % годишно. Кина, која до неодамна го носеше најголемиот дел од глобалниот раст (дури 18 % помеѓу 2019 и 2023 година), сега забавува, при што растот паѓа на само 0–2 %.

Оваа промена во динамиката покажува колку е зависна индустријата од глобалната политика, демографските промени и регионалната куповна моќ, вели Лаковиќ.

Европа бележи стабилен, но не експлозивен раст од 2-4 %, главно благодарение на туризмот. Сепак, Блискиот Исток, Индија и Јапонија се издвојуваат како нови „стратешки жаришта“. Јадранскиот Регион постојано расте, со 7 % годишно – што е добра бројка, но сè уште не влијае врз глобалните бројки, според Лаковиќ.

Генерацијата З го презема пазарот на луксузни производи

Генерацијата З и милениумците стануваат клучни во сегментот на накит. Тие избираат накит и часовници, но и персонализирани луксузни патувања. До 2030 година генерацијата З ќе претставува дури една третина од вкупното население што троши на луксузни брендови.

Пазар на луксузни предмети: модата опаѓа, накитот доминира

Многу модни гиганти се во пад оваа година. Спротивно на тоа, куќите фокусирани на накит и вредни предмети доживуваат раст. Во време кога глобалната потрошувачка опаѓа и чувството на несигурност расте, потрошувачите стануваат повнимателни и помалку спремни да инвестираат во работи што немаат трајна вредност.

Накитот изработен од злато, платина и скапоцени камења, а и дијамантите не само што ја зачувуваат вредноста, туку и ја зголемуваат со текот на времето, честопати следејќи ги инфлацијата и економските трендови.

Купувањето накит не е само естетски избор, туку и форма на инвестиција, еден вид заштита од неизвесност, вели Лаковиќ.

Кои се други актуелни трендови?


Денес, брендовите сè повеќе соработуваат со музеи, уметници и локални занаетчии. Постои и персонализација со вештачката интелигенција, но со граници што ја почитуваат човечката интимност и приватност. Глобалните трендови на луксуз сега се фокусирани на искуството и автентичноста.

Денес, клиентите бараат посветеност кон животната средина при купување луксузни производи и услуги. Од друга страна, и патувањата и рестораните се новата „сцена на луксуз“.

Извор: forbes.n1info.rs

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот