Сојузот на синдикати на Македонија во соопштение во кое реагира за состојбата со платите во земјата наведува дека во мај годинава дури 73,3 отсто од работниците зеле потпросечна плата. Тоа, според соопштението, се 374.045 работници. Од ССМ велат дека според податоците што ги добиле од УЈП, истиот тој месец биле евидентирани нула работници што примиле минимална или просечна плата.
- Во земја во која во месец мај 2025 година се евидентирани 509.960 работници со пресметана и уплатена нето-плата, 374.045 работници или 73,3 % од работниците примиле потпросечна плата, а 135.915 работници или 26,7 % од работниците примиле плата над просечната. Уште позагрижувачки се податоците дека во месец мај (последен податок од УЈП обезбеден од ССМ) има евидентирано 0 (нула) работници кои примиле минимална плата и 0 (нула) работници кои примиле просечна плата, што фрла дополнителен сомнеж на состојбите со платите во Македонија - се наведува во соопштението.
Од ССМ тврдат дека зголемувањето на минималната плата нема негативно влијание врз компаниите и дека со тој чекор бројот на затворени фирми опаѓа.
- Ако се има предвид фактот дека од 2022 година, кога ја покачивме минималната плата на 18.000 денари, имаше 7.062 нови фирми, а избришани 5.694, во 2023 година, со минимална плата од 20.175 денари, имаше 7.062 новоосновани, а само 3.372 затворени, а во 2024 година, со покачување на минималната на 22.567 денари, имаше 6.627 нови фирми и само 2.891 затворена, овие бројки покажуваат дека со секое зголемување на минималната плата бројот на затворени фирми опаѓа, а бројот на новоосновани фирми расте, тогаш паѓаат во вода сите изговори дека нема простор за зголемување на минималната плата - велат од Синдикатот.
Оттаму потсетуваат дека во регионот минималната плата расте, а, како што велат, само во Македонија стагнира. Бараат итно покачување на минималната плата.
- Па така, на пример, во Србија минималната плата од октомври ќе изнесува најмалку 500 евра, а во Македонија останува под 400 евра. Тоа значи дека македонските работници се најпотценети во регионот и работат за најниски плати! Затоа, бараме итно зголемување на минималната плата, бидејќи со сегашниот износ работниците не можат да ги покријат ни основните трошоци за живот. Секоја одложена реакција е директен удар врз достоинството на работниците, а воедно и врз иднината на земјата. Македонија не смее да остане земја со најевтина работна сила - работниците заслужуваат плата што ќе обезбеди пристоен и достоинствен живот - се заклучува во соопштението.
Фото: Freepik