X
 31.01.2024 Економија

Нов негативен тренд - младите не се свесни колку трошат

Финансиската дисморфија е нов тренд што најчесто се поврзува со помладите генерации, како што се генерацијата З и милениумците.

Поимот се користи за опишување на феноменот на искривена слика за нечија финансиска состојба, што често води до непромислени одлуки. Во оваа ситуација, лицата носат финансиски одлуки врз основа на лажни потреби, кои не се во согласност со нивните реални финансиски можности.

Најновите истражувања укажуваат дека повеќето млади луѓе страдаат од оваа појава, а причините често се наоѓаат во различни општествени влијанија. Едни од главните фактори се социјалните мрежи и инфлуенсерите, кои на младите им наметнуваат лажни потреби и нереални стандарди. Создавањето лажни очекувања за нечии финансиски можности станува неизбежно бидејќи младите постојано се изложени на фотографии од патувања, скапи брендирани производи и гламурозен начин на живот.

Истражување спроведено во 2013 година покажа дека дури 44 отсто од генерацијата З и 46 отсто од милениумците велат дека се опседнати со идејата за богатство. Желбата за богатство и луксузен живот, како што е претставено во медиумите и на социјалните мрежи, резултира со развивање на овој однос кон заработката и трошењето пари.

Истражувањето го истакнува фактот дека поголемиот дел од членовите на оваа генерација не се задоволни од својата финансиска состојба. Дури 59 отсто од милениумците и 48 отсто од припадниците на генерацијата З сметаат дека не ги постигнале своите финансиски цели, т.е. дека не заработуваат колку што би сакале.

Според експертите, оваа појава се јавува поради контрадикторноста меѓу желбата за богатство и вредносните системи специфични за помладите генерации. Иако помладите генерации имаат силна желба да постигнат одредени финансиски цели, повеќето му даваат приоритет на слободното време.

Овој тренд укажува на потребата од дополнителни напори во финансиската едукација на младите, охрабрувајќи ги реално да ги проценат сопствените финансиски можности и да ја подигнат свеста за важноста од носење одговорни финансиски одлуки.

Извор: Idesh
Насловна фотографија: Unsplash
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија