Нови податоци укажуваат дека бројот на видови комарци што се хранат со човечка крв се зголемува, а во иднина ситуацијата ќе стане полоша.
Д-р Серџо Лисбоа Машадо, микробиолог од Федералниот универзитет во Рио де Жанеиро во Бразил, е коавтор на истражување објавено во списанието „Фронтиерс ин еколоџи енд еволушн“, кое разгледува можна врска помеѓу дефорестацијата и зголемената склоност на комарците кон човечка крв.
Машадо и неговиот колега д-р Жеронимо Аленкар ги испитувале навиките за исхрана на неколку видови комарци во Атлантската Шума, влажна широколисна шума што се протега по должината на источниот брег на Јужна Америка. Според Машадо, проектот започнал како обид да се утврди од кои локални животни се хранат комарците.
- Кога го започнавме истражувањето, нашата главна цел беше да го утврдиме изворот на крв што некои видови женки-комарци го користат за репродукција - вели Машадо.
Процесот на идентификација на крвта во желудниците на инсектите бил долг и сложен. Првиот чекор бил да се утврди кои од приближно 40. вида комарци во регионот навистина касаат. Ова барало внимателно набљудување со стереоскоп.
- Самата идентификација не е комплицирана, но има недостиг на ентомолози кои можат да ја извршат - вели Машадо.
Овој факт, заедно со потребата комарците да се транспортираат назад во Рио де Жанеиро за анализа, значел дека до моментот кога примероците биле испитани, ДНК и РНК во нив веќе почнале да се распаѓаат. И покрај овие тешкотии, анализата дала прилично јасна слика за тоа кои цицачи им биле омилен оброк на комарците. Во неколку случаи тоа била човечка крв.
- Ова беше нешто што не го очекувавме. Бидејќи бевме во шумски резерват, очекувавме да пронајдеме ДНК од ’рбетници од локалната фауна - вели Машадо.
Промена на навиките
Зошто тогаш толку многу човечка крв? Истражувачите претпоставуваат дека променетата животна средина во Атлантската Шума ги натерала овие видови да развијат склоност кон човечка крв.
- Сметаме дека станува збор за прашање на можност, поради недостиг на префериран извор на храна. Се чини дека ако комарците не можат да го најдат својот омилен извор на крв, тие бараат што и да им е достапно - објаснува Машадо.
Со опаѓањето на биодиверзитетот и исчезнувањето на животинските видови, исчезнуваат и многу од традиционалните извори на храна за комарците. Но, за разлика од многу животни со кои се хранат, комарците лесно се приспособуваат. Речиси секогаш постои алтернатива — вклучително и луѓето.
Иако ова е добра вест за комарците, за луѓето може да биде многу лоша. Како што сè повеќе видови комарци се префрлаат на човечка крв, расте и ризикот дека видови кои досега не биле особено опасни би можеле да станат нови преносители на болести.
Откако комарците ќе стекнат нов извор на храна, тие често развиваат трајна склоност кон таа крв, а луѓето се вид чија достапност дефинитивно не опаѓа.
Решението е прво да се запре, а потоа и да се сврти процесот на дефорестација и уништување на живеалиштата. Но, не е сосема јасно дали штетата може толку лесно да се поправи. Луѓето сигурно нема да исчезнат, па останува прашањето дали комарците едноставно нема да продолжат да се хранат со нас.
Извор:
Popsci.com
Фото: Freepik