X
 31.05.2019 Живот

Болнички соби преселени во шума

Болниците и не се баш инспиративни места. Тие се стерилни, имаат строги правила и немаат душа. Тие можат да направат чуда за нашата физичка состојба. Но, колку повеќе учиме за важноста на емоционалната благосостојба и нејзината поврзаност со физичкото здравје, толку повеќе изгледа дека на болничката средина ѝ недостигаат многу работи.

Но, Норвешка го знае ова одамна, па пронашла начин како природата да помогне во лекувањето. Здравствените придобивки од престојувањето во природа се докажани, па тогаш зошто да не им се дозволи на болните деца да поминуваат време меѓу дрвјата?

Имајќи го ова на ум, двете најголеми болници во земјата, со помош на добротворната организација „Фрилафтсукехусет“, создадоа дрвени шумски кабини познати како „friluftssykehuset“. Изградени во партнерство со архитектонската компанија „Снохета“, овие објекти на пациентите им нудат можност да се лекуваат во изолација и во природа.

Терминот friluftssykehuset доаѓа од норвешкиот концепт „friluftsliv“, важноста на поминување време во природа, во комбинација со зборот болница „sykehus“. Првите кабини се сместени во бујна шума во близина на поток, оддалечени со кратка прошетка од влезот на најголемата болница во Норвешка, Универзитетската болница во Осло. Другите шумски кабини се сместени во шумичка во близина на езерце од болницата „Сорланд“ во Кристиансанд, на југот на Норвешка.

- Почнавме со малку деца. Но наскоро, почнаа да доаѓаат групи во шумата - вели Марен Ештволд Линдхајм, детски психолог кој работи во одделот за ментално здравје на децата и адолесцентите во болница во Осло.

- Носењето на пациентите надвор од болницата им помага да се релаксираат и да најдат сила за да го пребродат третманот. Престојувањето во природа им дава чувство на можност: имаат поголема енергија, повеќе надеж и поголема креативност - додава таа.


Фото:Ivar Kvaal

Кабините се достапни и за пациенти во инвалидски колички, а внатрешноста е доволно голема за болнички кревети. Кабините се изградени од дрво и одговараат на пејзажот. Ентериерот е изграден од даб за да биде во хармонија со околината. Во внатрешноста има главна просторија, поинтимна соба и бања.

- Природата обезбедува спонтана радост и им помага на пациентите да се релаксираат. Со тоа што се во природна околина, пациентите се смирени. Во таа смисла, овие кабини помагаат при мотивацијата на пациентите да се лекуваат - вели Линдхајм.

Голем дел од придобивките се протегаат надвор од кабините. Повеќето деца играат надвор, дури и кога времето не е топло. Со оглед на тоа што скандинавските деца играат на минусни температури на многу мала возраст, ова не е изненадување. Исто така, децата ловат риби, сечат дрвја, фрлаат стрели и цртаат слики.

Кабините се достапни за деца до 18 години, со дозвола од доктор, а родителите можат да одат да ги посетат.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот