X
 02.04.2020 Здравје

Како да се заштитите ако негувате лице заболено од Ковид-19?

Најголемиот дел од македонските граѓани заболени од Ковид-19 се на домашно лекување. Според податоци од Министерството за здравство, во моментов вкупно 267 лица се лекуваат дома, а на клиниките се сместени 59.

Само лицата со лесна форма на болеста и без ризик за компликации се лекуваат во домашни услови. Според препораките на Министерството за здравство, матичниот лекар треба да биде вклучен во надзорот на здравствената состојба со следење на развојот на симптомите преку дневни телефонски повици и доколку е можно, преку посети во домот на пациентот.

Но, што е со оние што му помагаат на болниот, како да се заштитат, што треба да прават во одредени ситуации бидејќи болните не треба да се оставени сами на себе?

Министерството за здравство изработи прирачник за членовите на семејството што доаѓаат во контакт со сомнителен или потврден случај на ова заболување, како и за самите заболени.

- Најголемиот број пациенти со Ковид-19 имаат некомплицирана или полесна болест (81%), некои развиваат тешка болест со потреба за кислородна терапија (14%), и околу 5% имаат потреба од третман во единица за интензивно лекување и нега. Пациентите со лесна форма на болест не мора да се хоспитализираат доколку нема опасност за брзо влошување, при што приоритет треба да се даде на нивната изолација. Поради оваа причина, пациентите со благи симптоми кои немаат некое посериозно хронично заболување, како што се белодробни или срцеви заболувања, бубрежна инсуфициенција или имунокомпромитивни состојби, може да бидат згрижени и во домашни услови - информираат од Министерството.

Ова се главните совети што треба да ги следите доколку негувате заболено лице или сте во контакт со сомнителен случај:

- Во периодот на домашна изолација и лекување строго се забранети посети во домот
на пациентот!

- Пациентот да се негува во посебна и добро проветрена просторија.

- По можност да се одреди едно лице кое ќе биде одговорно за грижа за пациентот. Лицето треба да е во добра здравствена состојба.


- Членовите на семејството треба да останат во друга просторија или, ако тоа не е можно,

да одржат растојание од најмалку 1,5 -2м од болното лице (на пр., спиење во посебен кревет).


- Исклучок може да се смета мајка што дои. Со оглед на бенефитот од доењето и незначителната улога на мајчиното млеко во пренесувањето на респираторни вируси, мајката може да продолжи со доењето. Мајката треба да носи медицинска маска кога е во близина на своето бебе и да практикува хигиена на рацете пред близок контакт со бебето. Исто така, ќе треба да ги примени и другите хигиенски мерки опишани во ова упатство.


- Лицето што го негува пациентот треба да носи обична медицинска маска прицврстена на лицето кога е во иста просторија со заболеното лице. За време на употребата, маските не треба да се допираат. Ако маската се навлажнува или се извалка со секрет, веднаш треба да излезете од просторијата на заболениот и да ја промените со нова.

Употребената маска правилно се отстранува, веднаш се фрла во леса и канта за отпадоци со капак. По вадење на маската веднаш се мијат рацете со сапун и вода најмалку 20 секунди.


- Да се мијат рацете со сапун и вода по секој контакт со заболено лице или по контакт со предмети од нивната непосредна околина. Исто така, да се мијат рацете пред и по подготвување храна, пред јадење, по употреба на тоалетот. По потреба може да се употреби дезинфекциско средство со алкохолна основа за чистење на рацете.

- Кога се користи сапун и вода, пожелно е користење на хартиени бришачи. Ако не се достапни, да се користат крпи/пешкири кои треба да се менуваат најмалку еднаш дневно. Секој член од семејството треба да користи сопствен пешкир/крпа.

- Ракавиците, маските и отпадот треба да бидат сместени во посебна канта и посебна кеса за отпадоци во просторијата на заболеното лице пред да бидат отстранети со другиот отпад од домаќинството.


Целото упатство може да се најде ТУКА.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје