X
 31.05.2025 Живот

Зошто исландската престолнина ги забранила кучињата како миленици во минатото?

Во повеќето европски метрополи е сосема вообичаено да се видат луѓе како ги шетаат своите кучиња. Но, во Рејкјавик, главниот град на Исланд, оваа слика долги години беше невозможна. Речиси шест децении кучињата беа строго забранети со закон. Оваа необична одлука била резултат на комбинација од неколку фактори: страв од заразни болести, проблеми поврзани со наглата урбанизација и специфични општествени околности од тоа време. Сето тоа довело до еден од најстрогите закони за домашни животни во модерна Европа.

Во 1924 година градскиот совет на Рејкјавик донел одлука со која го забранил чувањето кучиња како миленици. Иако денес звучи крајно невообичаено, тогаш била сфатена како оправдана мерка за заштита на јавното здравје. Селските подрачја на Исланд се соочувале со опасни паразити, особено „Echinococcus granulosus“, кој предизвикува смртоносни цисти во внатрешните органи. За да се спречи ширењето на оваа болест, властите одлучиле кучињата да исчезнат од улиците.

Освен здравствените причини, постоела и практична страна на одлуката. Во тој период Рејкјавик минувал низ фаза на брза урбанизација, а животните услови биле далеку од соодветни. Просториите биле тесни, инфраструктурата била лоша, а и немало хигиенски услови. Во такво опкружување, чувањето кучиња било дополнителен ризик што властите не можеле да си го дозволат.

Мачките станале симбол на градот

Додека кучињата биле протерани, мачките завладеале со градот. Тие се размножиле и станале препознатлив симбол на градот. Често шетале слободно, без сопственици, и биле прифатени од граѓаните како чиста, независна и тивка алтернатива на кучињата. Така, Исланд станал едно од ретките места во светот каде што мачките биле побројни од кучињата.

Забраната за кучиња била толку строга, што секој што ќе ја прекршел ризикувал високи парични казни. Исклучоци биле дозволени само во случаи на чување стока надвор од градот или како куче-помошник на лица со попреченост. Во очите на властите, а и на поголемиот дел од граѓаните, на кучето не му било местото во градскиот живот.

Притисок од јавноста и укинување на забраната

Со текот на времето ваквата забрана почнала да изгледа застарено. Условите за живот значително се подобриле, градот се модернизирал, а со влијанието на странските култури се променил и односот кон милениците. Сè почесто се зборувало за враќање на кучињата, а јавноста почнала да ја преиспитува смислата на забраната.

Клучен момент бил почетокот на 80-тите години, кога тогашниот министер за финансии Алберт Гвидмундсон јавно одбил да плати казна за своето куче и остро ја критикувал забраната. Неговиот гласен протест одекнал во медиумите и поттикнал широка јавна дебата, која на крај довела до промени.

Забраната конечно била укината во 1984 година, но враќањето на кучињата не било без услови. Воведени биле строги регулативи: задолжителна регистрација, вакцинација, микрочипови, годишен данок за сопствениците и низа ограничувања за движењето на кучињата. Иако повторно станале дел од градот, нивното присуство внимателно се надгледувало.

Извор: Putnikofer.hr
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот