X
 31.07.2024 Живот

Дали знаете зошто спортистите го гризат медалот?

Практиката на гризење медали е необична, но широко распространета појава во светот на спортот. Без разлика дали се работи за Олимпијада, Премиер лигата или тениски турнири, многу спортисти гордо го гризнуваат својот медал.

Оваа навика ја имале и познатите спортисти како Усеин Болт и Мајкл Фелпс. Дури и организаторите на Олимписките игри во Токио ја споменаа оваа практика во својот твит, на шега истакнувајќи дека медалите не се јадат бидејќи се направени од материјали рециклирани од електронски уреди донирани од јапонски граѓани.

Дејвид Валечински, претседател на Меѓународното здружение на олимписки историчари, коментира дека оваа традиција е повеќе трик што фотографите го бараат од спортистите затоа што мислат дека тоа е момент што лесно може да се продаде.

- Мислам дека тоа не е нешто што спортистите спонтано би го направиле - вели Валечински.

Според Френк Фарли, професор на Универзитетот „Темпл“ и поранешен претседател на Американската психолошка асоцијација, оваа практика стана дел од победничката култура.

- Ако сакате да бидете дел од победничкиот дух, учествувате во таа победничка традиција. Тоа создава емотивна врска со вашите достигнувања - вели Фарли.

Сепак, овој тренд носи и одредени ризици. На пример, германскиот олимпиец Дејвид Молер си го скршил забот на Зимските олимписки игри 2010 во Ванкувер додека позирал пред фотографите.

- Фотографите сакаа слика од мене како го гризам медалот. Подоцна, за време на вечерата, сфатив дека ми недостига дел од забот - вели Молер.

Извор: N1.info.hr
Фото: Instagram/Screenshot
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот