X
 25.07.2019 Спорт

Претставени медалите за ОИ во Токио направени од рециклирани телефони

Една година пред почетокот на Олимписките игри во Токио премиерно беа претставени првите медали направени од рециклирани мобилни телефони.

Откако сензационално успеаја да соберат доволно голема количина на фрлени уреди и од нив извлекоа соодветна количина на благородни метали за изработка на медалите, Јапонците и официјално ги направија првите примероци од медалите за Олимписките игри.

На натпреварот за дизајн на медалите победи јапонскиот дизајнер Јуничи Каваниши, кој беше избран меѓу повеќе од 400 дизајнери од целиот свет. Медалите се со дијаметар од 85 милиметри и во најтенкиот дел се со дебелина од 7,7, додека во најдебелиот 12,1 милиметар.

Златните медали содржат до 6,5 грами злато извлечени од мобилни телефони, гаџети и слични уреди. Златните медали всушност се повеќе сребрени отколку златни бидејќи тие се всушност сребро прелиено со злато. Од друга страна, сребрените медали се направени се направени од чисто сребро извлечено исто така од мобилни телефони, но и од компјутери, додека бронзените медали се направени од легури на цинк и бакар. Најлесно било правењето на бронзените медали бидејќи компонентите за нив ги има во многу уреди.


Акцијата за собирање на искористени уреди за изработка на медалите е започната во април 2017 година, по што до средината на оваа година се собрани околу 79 тони такви уреди. Собрани се повеќе од 6,1 милиони телефони од кои се извлечени 32 килограми злато, 3.500 килограми сребро и повеќе од 2.200 килограми бронза.

Во Јапонија годишно се фрлаат околу 650.000 тони електронски уреди, додека само нешто повеќе од 100.000 се користат одново. Инаку Јапонците најмногу го користат стариот електронски отпад за да направат нови уреди.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Спорт