X
 31.10.2025 Живот

„Парадоксот на хоророт“: Како страшните филмови ја ублажуваат нашата анксиозност

Сцените што нè тераат да потскокнеме од страв сигурно не изгледаат како нешто опуштено за гледање, но хорор-филмовите, всушност, можат да бидат идеална терапија кога имаме некакви грижи.

Ако не ги сакате хорор-филмовите, веројатно се прашувате како нешто толку ужасно може некому да му биде забавно. И филозофите и психолозите размислувале за истото прашање.

Логиката налага дека емоцијата на страв се развила за да нè предупреди на работи што ја загрозуваат нашата безбедност. Таа ни помага да избегнеме сè што може да ни наштети нам или на оние што ги сакаме. Затоа стравот ја активира реакцијата „бори се или бегај“.

Сепак, многумина активно бараат начини да се исплашат гледајќи филмови што го забрзуваат ритамот на срцето. Од зомби-апокалипси до крвопролевања, многумина сакаат да им „замрзне крвта во жилите“, што го прави хоророт еден од најпрофитабилните жанрови во Холивуд.

horor

- Парадоксот на хоророт е многу стара загатка. Дури и Аристотел зборувал колку е чудно што сме условени да избегнуваме опасни и одвратни работи, а сепак чувствуваме неодолива потреба да бидеме во контакт со нив - вели Марк Милер, истражувач на Универзитетот „Монаш“ во Австралија и Универзитетот во Торонто.

Последнава деценија психолозите конечно почнаа да го решаваат овој парадокс. Некои докази укажуваат дека хорор-приказните ги допираат клучните процеси во мозокот што ни помагаат да се справиме со неизвесноста.

Новите истражувања покажуваат дека измислените хорор-приказни можат да донесат вистински психолошки придобивки, меѓу кои и намалување на анксиозноста што ја чувствуваме поради настани во реалниот свет. Хоророт, на некој начин, станува „лек“ за нашите грижи.

Парадоксални преференции

Колтан Скривнер, психолог на Државниот универзитет во Аризона и автор на книгата „Морбидно љубопитни: Научник објаснува зошто не можеме да го тргнеме погледот“, бил еден од пионерите во овие истражувања.

Како дете уживал во страшни приказни, но дури на постдипломски студии почнал да се запрашува зошто тие се толку присутни во сите човечки култури.

- Најстарите пишани записи вклучуваат демони и чудовишта. Би рекол дека хорор-приказните се стари колку и јазикот - објаснува тој, споменувајќи ги вавилонските плочи со Епот за Гилгамеш.

Едно можно објаснување е дека хоророт функционира како форма на игра, која ни помага да го разбереме светот и да се подготвиме за закани. Истото е забележано и кај животните: газелите, на пример, често ги набљудуваат предаторите пред да побегнат. Кај луѓето, оваа љубопитност е поинтензивна бидејќи имаме способност да создадеме и да прераскажуваме приказни.

Три типа љубители на хорор-филмови

Во едно истражување со околу 400 учесници Скривнер идентификувал три главни групи:

Адреналински зависници - уживаат во возбудата и неизвесноста; чувствуваат дека „живеат“ кога се плашат.

Плашливци - не го сакаат чувството на страв, но уживаат во надминувањето на сопствениот страв и учат нешто за себе.

Мрачни истражувачи - го користат хоророт за да се соочат со реалноста и да ја потсетат својата свест дека нивниот живот е безбеден во споредба со она што го гледаат на екран.

Истражувањата покажале дека овие типови постојат и во други култури, како во Данска, каде што учесниците во „куќи на стравот“ покажале исти обрасци.

Интересно е што љубителите на хорор-филмовите покажале поголема отпорност за време на ковид-пандемијата, прифаќале вести со поголема смиреност и изразувале поголема самодоверба во справувањето со тешкотиите.

Како хоророт му користи на мозокот?


Нашиот мозок постојано создава симулации на реалноста, процес што научниците го нарекуваат „предиктивна обработка“. Според Марк Милер, хорор-приказните создаваат доволно неизвесност за мозокот да вежба како подобро да предвидува и да реагира на закани. Скривнер смета дека хорор-приказните би можеле да се користат и во психолошка терапија, како средство за учење контрола на стравот.

Хорор-приказните ни овозможуваат да го почувствуваме стравот во контролирано опкружување и да ја вежбаме нашата емоционална регулација. За оние што го избегнуваат хоророт, Скривнер препорачува мал предизвик: книга или филм што е само малку пострашен од она на што се навикнати.

Извор: Rts.rs
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот