Никој не сака да работи без плата, а уште помалку да му плаќа на „шефот“ за да оди на работа. Сепак, во Кина, каде што стапката на невработеност кај младите е многу висока, сè повеќе млади луѓе плаќаат за да одат на лажна работа и да се преправаат дека работат.
Овој необичен тренд доведе до нагло зголемување на бројот на компании кои постојат единствено за да создадат илузија на вработеност и продуктивност.
Феноменот се појави во време на забавениот економски раст и застој на пазарот на трудот во Кина. Бидејќи е сè потешко да се најде вистинска работа, некои млади побрзо би платиле да седат во канцеларија отколку да седат дома.
30-годишниот Шуи Џоу некогаш имал фирма во прехранбената индустрија, но таа пропаднала минатата година. Во април оваа година почнал да плаќа 30 јуани дневно (околу 3,6 евра) за да оди во лажна канцеларија што ја води компанијата „Компанија за преправање дека се работи“ во градот Донггуан, 114 километри северно од Хонгконг.
Таму има уште пет „колеги“ што го прават истото.
- Многу сум среќен. Како да работиме заедно, како тим - вели Џоу.
Канцеларии што изгледаат како вистински
Таквите „канцеларии“ се појавуваат во многу кинески градови: Шенжен, Шангај, Нанџинг, Вухан, Ченгду и Кунминг. Тие изгледаат како вистински деловни простории: имаат компјутери, интернет, сали за состаноци и чајни кујни. Додека се таму, луѓето можат да бараат вистинска работа или да се обидат да започнат сопствен стартап.
Дневниот „престој на работа“, кој чини од 30 до 50 јуани (3,6-6 евра), често вклучува и ручек, грицки и пијалаци.
Стапката на невработеност кај младите во Кина е повисока од 14 отсто, што значи дека дури и високообразовани луѓе имаат проблем да се вработат.
Според официјалните податоци, годинава на пазарот на трудот ќе влезат рекордни 12,22 милиони дипломци.
- Феноменот на луѓе што се преправаат дека работат е мошне распространет. Поради економската транзиција и несоодветноста меѓу образованието и пазарот на трудот, младите имаат потреба од вакви простори за да размислат за следните чекори или да работат привремени задачи. „Лажните канцеларии“ се едно од преодните решенија - вели д-р Кристијан Јао, експерт за кинеска економија од Универзитетот „Викторија“ во Велингтон, Нов Зеланд.
Лажна пракса за вистинска диплома
Сјаовен Тан, 23-годишна дипломирана студентка од Шангај, изнајмила биро на еден месец во лажна компанија бидејќи не можела да најде вистинска работа.
Нејзиниот универзитет барал студентите да достават доказ за пракса или договор за работа во рок од една година по дипломирањето, во спротивно нема диплома.
Затоа им испратила фотографии од канцеларијата како доказ дека е „на пракса“.
Во реалноста, плаќала дневен надомест за да седи таму и да пишува интернет-содржини за мали хонорари.
Извор:
Lolamagazin.com
Фото: Freepik