X
 01.02.2025 Живот

Списокот со седумте социјални гревови на Махатма Ганди, или совети како да не живеете лош живот

Во 590 година од нашата ера папата Григориј I го открил списокот со седумте смртни гревови - страста, ненаситноста, алчноста, мрзливоста, гневот, зависта и гордоста - како начин да ги спречи луѓето да залутаат по трнливите полиња на безбожноста. Меѓутоа, овие денови за сите, освен за најпобожните, списокот на папата Григориј изгледа како опис на програмите за кабелска телевизија.

Наместо тоа, да ги погледнеме размислувањата на Махатма Ганди. На 22 октомври 1925 година Ганди објавил список што го нарекол „Седум социјални гревови“ во неговиот неделен весник „Млада Индија“:

-Политика без принципи.
-Богатство без работа.
-Задоволство без совест.
-Знаење без карактер.
-Трговија без морал.
-Наука без човечност.
-Обожување без жртва.

Списокот произлегол од кореспонденцијата што Ганди ја имал со некој што е идентификуван само како „фер пријател“. Тој го објавил списокот без коментар, освен за следниот ред: „Нормално, пријателот не сака читателите да ги знаат овие работи само преку интелектот, туку да ги знаат преку срцето, за да ги избегнат“.

За разлика од списокот на Католичката црква, списокот на Ганди е експресно фокусиран на однесувањето на поединецот во општеството. Ганди проповедал ненасилство и меѓузависност и секој еден од овие гревови е пример на себичноста што го победува општото добро.

„Трговија без морал“ звучи како речиси секоја нафтена компанија, а „знаењето без карактер“ опишува половина од хакерите. „Политика без принципи“, пак, опишува многу настани што сега му се случуваат на светот.

Во 1947 година Ганди му дал на својот петти внук, Арун Ганди, ливче со истиот список велејќи дека ги содржи „седумте грешки што ги прави човечкото општество и кои го предизвикуваат целото насилство“. Следниот ден, Арун се вратил во својот дом во Јужна Африка. Три месеци подоцна, Ганди бил застрелан од екстремист.

Извор: openculture.com

Фото: Wikipedia

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот