X
 01.11.2018 Економија

Австралија - оаза на стабилноста што сака доселеници

Како земја и економија која 27 години не знае за рецесија, Австралија би можела да биде пример за другите, вклучително и за најголемите економии во светот, оценува неделникот „Економист“ во серија текстови за оваа оаза на стабилноста.

Прашувајќи се што е тајната на австралискиот успех, „Економист“, меѓу другото, посветува внимание на успешната имигрантска политика, додавајќи дека годишно на најмалиот континент се доселуваат 190.000 луѓе. Австралија годишно има три пати поголем прилив на ново население од САД.

Поддршката за масовното доселување е голема. Делумно, австралиската толеранција кон доселениците може да биде одраз на уште една особина на тамошното општество, а тоа е солвентноста на нејзината социјална држава. Јавниот долг изнесува само 41 отсто од БДП и е еден од најниските во богатиот свет, наведува „Економист“ и додава теза за одржливоста на австралискиот социјален систем.

Австралија пред 30 години го врза стекнувањето на правото на пензија речиси исклучиво со вложувањето на осигуреникот во приватни инвестициски фондови, а спроведе и реформи во здравственото осигурување.

Разгледувајќи ги понатаму предностите на австралискиот државен и економски модел, „Економист“ го издвојува моделот на партискиот систем. Гласачите во таа земја се обврзани да гласаат на изборите, што ги става политичките партии во позиција да се борат за колебливите гласачи.

Во осврт на австралиските макроекономски показатели, неделникот истакнува дека во изминатите три децении таа економија кумулативно растела трипати повеќе од германската и дека австралискиот национален доход во истиот период просечно растел четирипати повеќе од американскиот.

Растечки приходи, низок јавен долг, популарна поддршка за масовното доселување и широк консензус за политиките што ги поткрепуваат тие нешта - тоа е далечен сон на повеќето богати земји.

Како среќна околност за австралиската стабилност, неделникот ги издвојува и богатите наоѓалишта на руда и природен гас, што во синергија со силниот кинески пазар е добитна комбинација.

Сепак, и така успешна земја нема спроведено две реформи. Првата се однесува на правата на Абориџините, а втората на намалувањето на емисиите на штетни гасови, поради што сушите на континентот се сè потешки и почести.

Во однос на другите богати економии како САД или Јапонија, Австралија има само 25 милиони жители.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија