X
 01.11.2018 Здравје

Огромен број деца во светот дишат загаден воздух

Кога станува збор за загадувањето на воздухот, човекот со децении веќе нема трајно решение и сега новите генерации ги трпат последиците.

Во нов извештај од Светската здравствена организација (СЗО) се наведува дека глобалното загадување на воздухот има големо и деструктивно влијание врз здравјето на децата.

Податоците посочуваат дека 93 отсто од сите деца на возраст под 15 години дишат токсичен, загаден воздух. Тоа е околу 1,8 милијарда деца помали од 15 години и 630 милиони деца помали од пет години чие здравје и развој се под сериозен ризик.

- Загадениот воздух труе милиони деца и ги уништува нивните животи. Тоа е непростиво. Секое дете треба да може да дише чист воздух за да може да расте и да го оствари целиот потенцијал - вели Тедрос Аданом Гебрејесус, генерален директор на СЗО.

Извештајот е објавен пред првата Глобална конференција за загадување на воздухот и здравје и во него се опишува колку сериозни последици може да има загадувањето.

Загадувањето на воздухот може да се случува и надвор, но и внатре, во зградите и домовите, а се дефинира со концентрацијата на ситните честички во воздухот (помали или еднакви на 2,5 микрометри).

Поради тоа што децата се во клучна развојна фаза и поради тоа што дишат побрзо од возрасните и се поблиску до земјата, тие се особено ранливи на овие ситни честички.



За жал, во многу делови од светот има опасно високи нивоа на загаденост на воздухот. Користејќи глобални податоци за квалитетот на воздухот и стапките на инфекции на респираторниот систем кај децата, во извештајот на СЗО се наведува дека само во 2016 година 600.000 деца помали од 15 години починале од акутни инфекции на долниот респираторен тракт предизвикани од загаден воздух.

Авторите на извештајот пишуваат дека загадувањето на воздухот го става најтешкиот товар на најмалите рамена.

Децата што живеат во помалку развиени земји се најпогодени.

Не само што може да им го скрати животот, загадувањето на воздухот може да доведе и до здравствени тешкотии кои може да траат цел живот.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје