„Оура“, производителот на паметни прстени кои им се омилени на спортистите и познатите личности, изјави дека е на добар пат да достигне 1 милијарда долари приход оваа година. Сега компанијата цели подалеку од следење на здравјето и фитнесот.
Во разговор за „Бизнис инсајдер“, извршниот директор на „Оура“, Том Хејл, ја изнел визијата за проширување во подрачјето на дигиталниот идентитет и плаќањата.
- Идејата е многу едноставна: Што ако ова е вашиот клуч? Што ако е вашиот паричник? – рекол Хејл за паметните прстени на компанијата, кои се продаваат од почетна цена од 499 долари.
Хејл вели дека има многу несогласувања во корпоративните системи кога станува збор за проверка на идентитетот - од канцелариски работници кои се борат да запомнат лозинки за да се најават на своите компјутери до луѓе со овластување за управување со системи на оружје на кои им е потребен пристап до контролни соби.
- Ова е биометриски носечки уред кој може да ве идентификува - истакнал Хејл.
Тој не соопштил кога ваквите функции би можеле да бидат вградени во уредот.

Фредерик Стенбрел, аналитичар на пазарот на носечки уреди, вели дека „Оура“ има многу предности при проширувањето во области како што се плаќања и решенија за дигитален идентитет. Многу потрошувачи веќе се навикнати да користат паметни часовници или други носечки уреди за плаќање за јавен превоз, истакнал тој.
„Оура“ продала повеќе од 5,5 милиони уреди. Стенбрел вели дека „Оура“ има корисничка база со многу поединци со многу висока нето-вредност, што би можело да им помогне да склопат партнерства со даватели на платни услуги како „Виза“ и „Мастеркард“.
Но, интеграцијата на НФЦ чипот носи и предизвици. Поради големината, сигналот може да биде „прилично слаб“, вели Стенбрел, додавајќи дека кожата на прстот на корисникот може да апсорбира дел од сигналот.
Хејл признава дека интегрирањето на НФЦ во паметен прстен е инженерски предизвик, но додава дека НФЦ чипот станува сè пораспространет, многу сигурен и троши малку енергија.
Извор: poslovni.hr
Фото: YouTube screenshot