X
 02.02.2025 Живот

Ова се најпаметните земји во светот, според најновите истражувања

Според најновото истражување на „Ворлд оф кард гејмс“, Швајцарија е рангирана како најпаметна земја во светот, оценета според различни критериуми како просечен коефициент на интелигенција (IQ) и нивото на образование.

Одредувањето на интелигенцијата на една земја не е лесна задача, но тоа не ги спречува истражувачите да се обидуваат. Критериумите што ги користеше ова истражување вклучуваат податоци од реномирани извори, како што се Нобеловата награда, „Ворлд попјулејшн ривју“, британската Национална статистичка канцеларија и Американското биро за попис на населението.

Меѓу главните фактори што се земени предвид во рангирањето се:

- Бројот на номинации за Нобелова награда;
- Бројот на универзитети со номинации за Нобелова награда;
- Просечниот национален коефициент на интелигенција (според скалата Лин-Бекер);
- Процентот на возрасно население со завршени најмалку додипломски студии;
- Процентот на возрасно население со завршени најмалку постдипломски студии.

Швајцарија – земјата со највисок интелектуален рејтинг


Според резултатите, Швајцарија ја зазема првата позиција со вкупен резултат од 92,02 од можни 100 поени. Оваа мала, но економски силна европска земја не само што се смета за една од најубавите и најбогатите, туку сега може да се пофали и со титулата „најпаметна“.

Швајцарците колективно имаат 1.099 номинации за Нобелова награда и просечен IQ од 99,24. Покрај тоа, 40,02 отсто од населението има најмалку додипломски студии, додека 18,05 отсто имаат магистерски или повисоки студии. Интересно е што дури 32 универзитети во Швајцарија досега добиле номинации за Нобелова награда.

1
Фото: World of Card Games

Доминацијата на Европа во рангирањето

На листата доминираат европските земји, при што единствената неевропска земја во првите десет се САД. Американците се најдоа на третото место со вкупен резултат од 89,18 поени, веднаш зад Велика Британија, која е на втората позиција со 89,40 поени.

Во Велика Британија, 2.392 лица биле номинирани за Нобелова награда, додека во САД таа бројка изнесува 5.717. Исто така, универзитетите во САД доминираат во однос на бројот на Нобелови награди – 256 универзитети биле номинирани, што е двојно повеќе од Велика Британија, која има 128 номинации.

На четвртата позиција се најде Холандија, која е единствената земја во топ-5 со просечен IQ над 100, поточно 100,74. Финска, која се наоѓа на десеттото место, има највисок просечен IQ меѓу водечките земји – 101,20.

Интересен исклучок е Германија, која има висок ранг за Нобелови награди и IQ, но нејзиниот резултат е намален поради релативно нискиот процент на жители со завршено високо образование.

Интелигенцијата е многу повеќе од IQ и наградите

Истражувањето покажува дека големиот број Нобелови награди значително го зголемува резултатот на земји како САД и Велика Британија. Сепак, многумина тврдат дека овие награди не се секогаш точен показател за модерната интелигенција.

Физичарот Марк Кастнер, основач на Алијансата „Сајнс филантропи“, вели дека Нобеловите награди се „заостанат индикатор“ бидејќи ја покажуваат успешноста на научната заедница пред неколку децении.

Затоа, иако овие рангирања можат да ни дадат интересен увид во интелектуалниот развој на различни земји, тие не се конечна мерка за интелигенција. Важна улога играат и културата, општествената слобода, можностите за едукација и иновација, како и способноста за решавање проблеми на креативен начин.

Извор: Forbes.com
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот