X
 02.03.2026 Живот

10 земји во кои најлесно може да се добие државјанство во 2026 година

Сакате втор пасош за да можете да се преселите или едноставно да имате план Б? Новиот извештај на „Интернешнал ливинг“ наведува 10 земји што нудат најбрз пат до државјанство во 2026 година.

Кариби

Карибите се епицентар на програмите за добивање државјанство преку вложување.

1. Свети Кристофер и Невис

Во 1984 година Свети Кристофер и Невис покрена програма за доделување државјанство преку вложување, што беше пионер во модерниот модел на овој вид добивање државјанство. Денес кандидатите можат да се квалификуваат преку владини донации од 250.000 долари или вложувања од 325.000 долари во одобрени недвижности, кои мора да им бидат во сопственост седум години.

2. Антигва и Барбуда

Антигва и Барбуда нудат една од најфлексибилните опции во регионот, која бара или донација од 230.000 долари или 300.000 долари во одобрени недвижности. За разлика од мнозинството конкуренти, програмата вклучува минимално барање за физичко присуство: пет дена во земјата во првите пет години.

3. Доминикана

Доминикана ја има можеби најпристапната програма, со минимален придонес од 200.000 долари или одобрено вложување во недвижности. Не постои услов за престој, но, како и на неколку карипски земји, нејзините договори за безвизниот режим се соочени со многубројни критики во последните години.

4. Гренада

Гренада се истакнува од причина што нејзините граѓани можат да поднесат барање за американска Е-2 виза за инвеститори, што повеќето други карипски програми не го нудат. Квалификациите почнуваат со донација од 235.000 долари или одобрено вложување во недвижности.

5. Света Луција

Света Луција нуди државјанство почнувајќи од 240.000 долари преку донација или 300.000 долари во одобрени недвижности, без услов за престој.

Европа

Улогата на Европа на пазарот на давање државјанство за вложување драматично се промени во последните години. ЕУ сигнализираше сè поголема нетолеранција кон земјите членки кои продаваат државјанство поврзано со пристапот во Шенген. Таа промена ги поттикна инвеститорите да бараат побрзи и пофлексибилни опции надвор од ЕУ.

6. Турција

Турција им овозможува на поднесувачите на барањето да се квалификуваат со купување недвижност од 400.000 долари или банкарски депозит или влог од 500.000 долари. Имотот обично мора да се задржи три години. Турција не е членка на ЕУ, па државјанството не дава право на престој во ЕУ.

Блиски Исток и Африка

7. Египет

Египет нуди една од најниските влезни точки надвор од Карибите, почнувајќи со донација од 100.000 долари или банкарски депозит од 500.000 долари што се чува три години.

8. Јордан

Програмата на Јордан е наменета за лица со ултрависока нето-вредност на кои им се потребни приближно 1,4 милиони долари квалификувани инвестиции.

Азија и Пацифик

9. Камбоџа

Камбоџа нуди државјанство почнувајќи од околу 245.000 долари преку донација или одобрена инвестиција.

10. Вануату

Вануату често се наведува како една од земјите со најбрзи и најлесни начини за добивање државјанство, со почетна сума од околу 130.000 долари. Сепак, земјата се соочи со дипломатски притисок што влијаеше врз договорите за безвизно патување.

На листата се најде и Македонија, за која се наведува дека нуди државјанство преку одобрени вложувања почнувајќи од приближно 200.000 евра, со тригодишен период на поседување. Сепак, наведено е дека земјата не е во ЕУ, иако е во Европа.

Извор: Forbes
Насловна фотографија:
Подготвил: Билјана Спиркоска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот