X
 02.04.2020 Наша тема

Фросина Пармаковска во карантин: Не ми е лошо - пишувам роман, вежбам, се слушам со најблиските

Моите сопатници, како и јас, сите се луѓе што се вратиле од пократок престој во странство каде што ги затекнала ситуацијата. Има млади, има студенти што се враќаат од Америка, сезонски работници од Германија, културни работници со чии имиња сте растеле, снукер-играчи кои се враќаат од првенство во Португалија и уште низа приказни што не сте ги слушнале, а ги осудувате, вели писателката


Авторката Фросина Пармаковска 11. ден е во државен карантин. Била на писателски престој во Софија од почетокот на март, а поради ескалацијата на состојбата со коронавирусот и во Бугарија и кај нас, одлучила да се врати десетина дена пред предвиденото.

 

Како ѝ е во карантин, дали имала непријатно искуство по патот до хотелот во Скопје каде што е сместена?

- Спроведувањето, за жал, беше најтешкиот дел од целата оваа авантура затоа што тоа беа првите денови по одлуката за задолжителен карантин и, просто, имав впечаток дека никој точно не знае што се случува и што треба да се направи. Покрај тоа што чекавме осум часа на граница, пристигна превозно средство во кое воопшто не беа запазени мерките за дистанца што нашето Министерство за здравство упорно ги повторува. Од друга страна, ова за сите е една нова ситуација, како и за органите на нашата држава, па најверојатно потребно е сите да имаме малку повеќе трпение и разбирање. Она што го гледам и што особено ме радува е фактот дека грешките од овој тип веднаш се коригираат - вели авторката на романите „Пишувајќи ги изгубените топки“, „Вишнова хроника“, „Одбројување“.

Таа објаснува дека времето во карантин добро ѝ поминува благодарение на рутината што си ја следи.

- Тоа вклучува пишување (во неколку фази од денот), вежбање (со пријатели на камера во група), слушање со моите најблиски секој ден (и бескрајно им благодарам на целата поддршка), слушање на редовната прес-конференција од Министерството за здравство (кој ми е главниот извор од кој се информирам за ситуацијата), телефонски разговори со мојот омилен писател од детството - Горјан Петревски (со кој се запознавме пред неколку дена), редовно мерење температура од медицинската екипа (и радоста секојпат кога ќе ми го покажат нормалниот степен на апаратчето), слушање музика и добар сон на крај - вели писателката.

Пред некој ден на Фросина ѝ беше роденден (30 март) и таа си доби изненадување. Медицински персонал, полицајци и вработени во хотелот ѝ го направија денот поубав - ѝ пееја роденденска песна, ѝ подарија торта и ѝ посакаа што поскоро да излезе од карантинот. 
 
Започнатиот роман доби нов тек поради ситуацијата

- Тоа ми беше досега најубавиот момент во карантинот! Медицинскиот персонал, полицијата и персоналот од хотелот ми се хероите на целиот престој тука и еден ден навистина би сакала да ги видам сите без скафандери и маски и прописно да им се заблагодарам за нивниот професионален, трпелив и сочувствителен однос кон сите нас - признава таа.

Таа ни објаснува како изгледа рутината во однос на оброците. Вели дека храната е убава и повеќе од доволна, за нејзин вкус.

- Имаме три оброци во денот, организирани според точно утврден распоред (8, 13 и 18 часот). Освен тоа, секој ден имаме право на достава на потребни работи од некој наш близок, во периодот од 11 до 12 часот, според најбезбеден протокол при кој доставувачот останува пред хотелот со кеса на која има ливче со бројот на собата што ја зема еден од полицајците и ја носи пред вратата на собата.

Вели дека нема точен увид како е организиран надзорот во хотелот.

- Мислам дека има полицаец (или некогаш војник) на секој кат од хотелот. Вратите не ги отвораме освен кога ни тропаат за мерење температура или достава на оброк – тоа се, генерално, правилата за кои имам впечаток дека сите ги почитуваат.
Фросина периодов пишува роман, но вели дека новото дело добило сосема нов и за неа мошне возбудлив тек, под силно влијание на новонастанатата ситуација.

Фросина Пармаковска

Таа признава дека ѝ фали светот од претходно: „Животот од претходно, прошетките надвор, средбите со пријателите со кои се гушкаме за поздрав, слободно и длабоко вдишување (ако тоа го дозволува нивото на ПМ-честичките), книжарницата на мојот издавач, кафеанчето во моето маало, ми фалат луѓето и нивната физичка присутност“.

- Најмногу ми фалат моите најблиски, кои секојдневно ги гледав! – вели таа.

Деновиве дел од луѓето немаа доволно разбирање за ситуацијата и неретко се случуваше да ги осудуваат луѓето што патувале, па сега мора да се во карантин. Фросина им порачува:

- Информирајте се добро пред да одлучите да носите судови. Паушалноста и квазиекспертството никому не му се од полза. Карантинот е безбеден начин за спречување на ширењето на заразата. Карантинот се појави токму како последица на непочитувањето на мерките за самоизолација. Ризикот за вас и за вашите блиски е далеку поголем од несовесните луѓе што не ја почитуваа самоизолацијата. Во карантинот не смееме да излеземе надвор од собите, а вирусот не прави салта и пируети по воздушен пат. Па и да прави, прозорците во карантинот се отвораат само нагоре. Луѓето во карантините не се болни, а и да има болни, треба ли да ги стигматизираме? Би сакале ли вас или вашите најблиски да бидат стигматизирани? Моите сопатници, како и јас, сите се луѓе што се враќаат од пократок престој во странство каде што ги затекнала ситуацијата. Има млади луѓе, има студенти што се враќаат од Америка, сезонски работници од Германија, културни работници со чии имиња сте растеле, снукер-играчи кои се враќаат од првенство во Португалија и уште низа приказни што не сте ги слушнале, а ги осудувате - завршува Пармаковска.
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска/srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема