X
 02.05.2025 Живот

Младите сакаат да учат за финансии, но каде да најдат вистинско знаење?

Инфлуенсери на „Инстаграм“, кратки совети на „Тик-ток“, долги текстови на онлајн портали – лекции за финансии, инвестирање и водење бизнис нè демнат од секој ќош на интернетот. Но, каде се вистинските, проверени информации?

Младите во одредени моменти од животот се исправени пред некои од најважните и најкомплексни одлуки – првото вработување, започнување сопствен бизнис, купување автомобил или стан, основање семејство или, пак, инвестирање во својата иднина. Овие одлуки носат емоционална тежина, но и конкретна финансиска одговорност, што го истакнува прашањето дали младите се доволно подготвени за ова.

Во свет и време кога пазарот е сè повеќе дигитален, плаќањата се бесконтактни, а одлуките се прават за неколку секунди, и тоа само преку еден клик на екран, финансиската писменост станува основна животна вештина која не се сведува само на знаење, туку и на свесност, умешност и самодоверба при носење на важни финансиски одлуки.

Но, што велат податоците?

Бројни домашни, регионални и глобални истражувања укажуваат дека токму младите под 30 години се една од најранливите категории кога станува збор за управувањето со личните финансии.

Според едно истражување спроведено на крајот од минатата 2024 година во Југоисточниот регион на Македонија, младите на возраст од 18 до 29 години го самооцениле своето финансиско знаење со просечна оценка од 3,4 (на скала од 1 до 5). Иако оваа бројка на прв поглед можеби и не изгледа толку лоша, сепак укажува на површно познавање, без подлабоко разбирање на клучните финансиски теми. Околу 30 отсто од младите изјавиле дека не ги следат своите месечни трошоци – податок кој зборува многу за навиките и практичната примена на финансиските вештини.

Дополнително, според анализа на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), стапката на финансиска писменост во земјава е слична со стапката во регионот, но е значително пониска од нивото во Европската Унија.

Уште нешто многу важно: проектот „FinFluencers“, поддржан од програмата Еразмус+, спровел истражување во 2022 година кое ја опфатило и македонската младина. Резултатите покажале дека младите на возраст од 18 до 29 години имаат пониско ниво на финансиска писменост во споредба со другите возрасни групи. Многу од нив се чувствувале несигурни при планирање на трошоци и разбирање на финансиски договори, но имале повеќе самодоверба во извршување секојдневни активности како подигање готовина од банка или онлајн трансакции.
Според ова истражување, иако најголем дел од младите и понатаму ги добиваат своите информации за финансии и финансиски одлуки преку семејството, пријателите или преку содржини на социјалните мрежи (што понекогаш може да биде и неточно или недоволно), охрабрува фактот што тие се отворени и заинтересирани за онлајн платформи и интерактивни методи на учење за да ги подобрат своите финансиски вештини. Токму интерактивните модели и дигиталните платформи најмногу им одговараат и ова е нешто што отвора сериозна можност за едукација прилагодена на нивниот начин на живот и информирање.

Во ваков контекст, јасно е дека финансиската писменост не е луксузна вештина, туку предуслов за слобода, стабилност и сигурност на секој млад човек. Прашањето е: Дали македонското општество е подготвено да им понуди алатки на младите да станат финансиски независни? И дали тие самите ќе ги препознаат таквите алатки кога ќе им станат достапни?

Одговорот доаѓа преку првата платформа за финансиска едукација во земјава – „VibeOnEdu.mk“ - иницијатива на Шпаркасе Банка што го прави токму тоа: им помага на младите да стекнат финансиско знаење на начин кој е модерен, достапен и разбирлив за нив.

На „VibeOnEdu.mk“, младите можат да учат целосно бесплатно, преку интерактивни курсеви кои покриваат сѐ – од тоа како се планира месечен буџет или се заштедува паметно, до теми како инвестирање и водење сопствен бизнис.

Платформата е поделена во два модули – „Научи за себе“, со 11 курсеви за лични финансии, и „Научи за својот бизнис“, со 4 курсеви насочени кон млади претприемачи.

Како до твојата прва заштеда? Што е задолжување? Што е лизинг? Кои се тековните дигитални трендови во полето на финансиите? Како да регистрираш правно лице? Ова се само дел од прашањата чии одговори се кријат на адресата на „VibeOnEdu.mk“.

Секој курс вклучува интерактивни лекции, квизови за проверка на знаењето и што е најважно, бесплатен сертификат по завршувањето – што го прави учењето кориснои мотивирачко.

Важно е младите да знаат дека не станува збор за уште една банкарска апликација или рекламна алатка. „VibeOnEdu.mk“ е платформа што зборува на нивниот јазик – визуелно, интерактивно, без непотребни компликации. Платформата е тука за сите кои сакаат подобро да ги разберат парите што (ќе) ги заработуваат, трошат или сонуваат да ги вложат – и еден ден, можеби, да изградат нешто свое.

Затоа, токму ваквите иницијативи се клучни – не само за подигнување на нивото на финансиската писменост, туку и за градење на генерација што носи свесни одлуки, управува со својата иднина и го гради својот пат со знаење и самодоверба.

(Комерцијална објава)

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот