X
 07.12.2018 Живот

Ресторан во Британија дава бесплатен оброк за деца - под еден услов!

Ресторанот „Френки и Бени“, кој се наоѓа во Велика Британија, сака семејствата да поминат квалитетно време заедно додека јадат таму, па затоа одлучи на родителите да им даде пауза - ако ги остават нивните телефони за време на вечерата, децата ќе можат да јадат бесплатно.

Ресторанот анкетирал 1.500 луѓе за да види како користењето мобилни телефони влијае врз однесувањето меѓу родителите и децата додека јадат. Резултатите од анкетата покажале дека речиси 72 отсто од децата на возраст од 6 до 16 години изјавиле дека сакаат нивните родители да не ги користат телефоните во текот на оброците и да разговараат со нив.

restoran

Повеќе од 25 отсто од родителите признале во анкетата дека ги проверувале мобилните телефони додека јаделе со своите деца, и тоа често додека децата им зборувале. 10 отсто од децата велат дека се обиделе да ги скријат телефоните на нивните родители за да можат да го имаат нивното целосно внимание.

Во денешната битка помеѓу времето поминато на екран и времето со семејството, ресторанот „Френки и Бени“ одлучил да создаде „зона ослободена од мобилните телефони“ за време на првата недела од декември. Едноставно, родителите им ги даваат телефоните на вработените од ресторанот, кои ги чуваат во посебна кутија додека семејството ужива во јадењето. За возврат, децата јадат бесплатно.

- Со тоа што родителите ги оставаат телефоните им испраќаат порака на нивните деца дека им се важни и дека времето поминато со нив е добро за семејството - вели експертот Сузан Аткинс.

- Родителите се пример за нивните деца за сѐ што прават и сѐ што велат, така што со менаџирањето на нивното време поминато пред екран ги учат децата за тоа кога и каде користењето на технологијата е соодветно - додава Аткинс.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот