X
 02.08.2018 Култура

„The Tale“ - најмоќната приказна за сексуална злоупотреба на деца

Никој не сака да биде жртва. Дури и ако се случи тоа, нашиот ум се обидува да ја подобри ситуацијата, да го потисне сето тоа, да ја трансформира вистината за да ни биде полесно да живееме сами со себе - токму на ова ќе мислите додека го гледате филмот „The Tale“, што за некои критичари е најконтроверзниот филм на годината.

Ова не е ни прв ни последен филм чија тема е поврзана со сексуалната злоупотреба на деца. Но можеби е прв што нѐ соочува со овој проблем од ваква перспектива и што одговара на сите прашања што се провлекуваат помеѓу редовите на #MeToo кампањата и било која друга приказна за сексуална злоупотреба.

приказна

Лора Дерн ја глуми режисерката Џенифер Фокс, самоуверена жена која се реализирала во секое поле - има прекрасен вереник и прекрасна кариера снимајќи документарци, а ценета е и како професорка. Самостојна е и успешна. Кога нејзината мајка прави драма бидејќи ја пронашла нејзината приказна од детството и ја напаѓа со прашања зошто ја лажела и како можела да не ѝ каже такво нешто, Џенифер не се вознемирува.

-Пишував за првото момче, беше доста постар, тоа ја вознемири - гласи нејзиното објаснување. Не се потресува многу, а и зошто би била потресена? На крајот на краиштата, тоа се случило пред 40 години и сѐ испаднало како што треба. Но дали навистина?

Џенифер не делува загрижено додека ги зема листовите хартија на кои е запишана приказната за малата Џени.

-Би сакала да напишам нешто убаво на почетокот на приказната. запознав двајца прекрасни луѓе. Таа е омажена, тој е разведен. Делат ист живот. Заедничка сум им - пишува во нејзиниот училишен состав малата Џени Фокс, а Џенифер се сеќава на себеси како на убава, самоуверена тинејџерка исполнета со љубов. Пишува за својата инструкторка по јавање и нејзиниот тренер, кои ја сакале, а и таа ги сакала нив. Ѝ се посветиле во моментите кога како петто дете во семејството се чувствувала дека ѝ е потребно дополнително внимание. Со насмевка на лицето се сеќава дека госпоѓата Џи била најубавата жена што некогаш ја видела, и била горда кога Бил ја пофалил бидејќи подобро трча од другите девојчиња. И како му верувала дека ќе ја заштити од глупавите момчиња...

Да, приказната на Џени го опишува нејзиното прво љубовно и сексуално искуство, а посебна тежина добива кога ќе излезе дека тогаш била ситна, повлечена 13-годишна девојка, која уште не го имала добиено првиот менструален циклус.

Тука и Џенифер сфаќа дека нешто не е во ред во целата приказна. Нешто не е во ред со нејзините сеќавања. И тогаш започнува болниот и тежок пат кон отворање на едно трауматично поглавје на својот живот и соочување со истиот. Вистината која не ја освестила и не сакала да ја прифати, но која толку влијаела на нејзиниот живот и личноста во која се развила.

Личност која цел живот влегувала од една во друга врска, пред конечно да остане со еден човек - нејзиниот вереник. Личност која не можела да доживее оргазам. Која немала потреба да има детет. Која животот го поминала снимајќи филмови за злоупотребата на жените сочувствително тврдејќи дека таа не била злоупотребена, но може да ги разбере. Не, никој не сака да биде жртва. За жал, многу се, а не се свесни за тоа.

Можеби е важно да се напомени дека филмот е вистинска приказна за режисерката Џенифер Фокс, а колку ѝ било важно да ја раскаже приказната зборува и тоа што на главната улога ѝ го оставила своето име. Важно е да се забележи дека Лори Дерн ја глуми маестрално. Важно е и да се забележи дека целиот филм како проект се јавува во моментот кога светот се соочува со #MeToo кампањата. Филмот совршено објаснува како се случуваат тие работи, дека никој не ги забележува и зошто се молчи за тоа...

Сепак, најважно е да го сфатите она што овој филм го провоцира во нас, да се охрабрите да се преиспитате за сопствените избори и ставови. Тоа е најтешко, но филмот инсистира на тоа. Затоа и е најконтроверзниот, но и најмоќниот филм на годината.

Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура