Телескопот „Џејмс Веб“ на НАСА продолжува да го менува нашето сфаќање за космосот. По голем број револуционерни откритија, научниците сега идентификуваа нова, минијатурна месечина во орбитата околу Уран.
Сателитот е широк само околу 10 километри, а Меѓународната астрономска унија (ИАУ), како единствено тело одговорно за доделување официјални имиња, сè уште не одлучила како ќе се вика.
Откритието е особено значајно бидејќи месечината останала незабележана во текот на претходните истражувања. Уште во февруари НАСА објави дека телескопот успеал да ја фотографира користејќи камера за близок инфрацрвен спектар.
Уран и месечината
И покрај тоа што вселенското летало „Војаџер 2“ летало близу до Уран, овој мал објект не бил забележан, а истото било случај и со другите телескопи. Научниците објаснуваат дека месечината била скриена поради нејзината големина и слабата светлина. Се наоѓа на околу 56.000 километри од центарот на Уран и орбитира во речиси совршено кружна орбита, по екваторијалната рамнина на планетата.

Уран и сложеноста на неговите сателити
Според истражувачите, ова е 14. месечина откриена во внатрешниот систем на Уран, во орбитите на поголеми сателити како што се Миранда, Ариел, Умбриел, Титанија и Оберон. Поточно, новооткриената месечина орбитира помеѓу два помали сателити: Офелија и Бјанка.
- Ниедна друга планета нема толку мали внатрешни природни сателити како Уран, а нивните сложени односи со прстените сугерираат хаотично минато - вели рече Метју Тискарено од Институтот СЕТИ во Калифорнија.
Уран има необичен систем кој комбинира прстени и сателити, каде што малите месечини како оваа најновата ја замаглуваат линијата помеѓу системот на прстени и природниот систем на сателити.
Денес, познато е дека Уран има вкупно 28 месечини, но големината и нејасноста на новооткриениот објект посочуваат дека неговиот комплексен систем би можел да крие повеќе неоткриени светови.
Извор: benchmark.rs
Фото: Freepik