X
 02.10.2022 Економија

Во Европа се гради најдолгиот подводен тунел

Најдолгиот подводен тунел се гради во Европа. Тој ќе се наоѓа 40 метри под Балтичкото Море и ќе ги поврзува Данска и Германија. Тунелот „Фермарнбелт“ треба да биде отворен во 2029 година.

Изградбата на тунелот започна во 2020 година а оттогаш е изградено привремено пристаниште на данската страна каде што ќе има фабрика. Фабриката наскоро треба да почне да ги произведува бетонските делови за тунелот.

Хенрик Винсентсен, главен извршен директор на „Фемерн“, данската компанија која стои зад проектот, очекува првите бетонски делови да бидат готови кон крајот на 2022 или почетокот на 2023 година. Поставувањето на првиот елемент под површината на морето се планира до почетокот на 2024 година.


Тунелот ќе биде долг 18 километри и ќе биде еден од најголемите инфраструктурни проекти во Европа. Буџетот за неговата изградба надминува 7 милијарди евра.

Тунелот треба да го скрати патувањето од Данска до Германија, кое сега се одвива со траект. Наместо сегашните 45 минути со траект, патниците ќе патуваат само 7 минути со воз или 10 минути со автомобил користејќи го тунелот.

Освен поволностите за патниците, тунелот ќе го олесни и карго-превозот бидејќи создава земјена патна линија помеѓу Скандинавија и Централна Европа, која ќе биде пократка за 160 километри од денешната маршрута.

Извор: CNN
Насловна фотографија: Femern
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија