Група жени од Гренланд ја тужат Данска, поранешниот колонијален владетел на тој арктички остров, за присилна контрацепција спроведена во 60-тите години и бараат паричен надомест, соопштија нивните адвокати.
Кампањата за контрола на раѓањето излезе на виделина кога данската јавна радио-телевизија ДР објави во 2022 година дека според официјалните податоци, меѓу 1966 и 1970 година 4.500 интраутерини влошки, таканаречени хормонски спирали, биле вметнати кај жени и девојчиња на возраст од 13 години без нивно знаење или согласност.
Ова е еден од неколкуте случаи кои откриваат недолично постапување на данските власти кон луѓето во нивната поранешна колонија.
Гренланд беше данска колонија до 1953 година, а сега е полуавтономна територија на Данска со население од само 57.000 жители.
Во октомври група жени, сега во нивните 70-ти и 80-ти години, ја тужеа Данска за отштета од 300.000 дански круни (43.630 американски долари).
-Моите клиентки веруваат дека биле изложени на прекршување на човековите права затоа што спиралата била вградена против нивна волја, а во повеќето случаи во време кога биле сè уште девојчиња - рече Мадс Праминг, адвокат на групата жени.
Тужбата е службено поднесена против данското министерство за здравство.
Извор: МИА