X
 02.10.2025 Живот

Џејн Гудал: „Само ако се грижиме, ќе помогнеме. Само ако помогнеме, ќе бидеме спасени“

Џејн Гудал беше еден од најпознатите и највлијателни научници и активисти на нашето време. Родена во Лондон во 1934 година, таа уште од мала покажувала љубопитност и фасцинација кон животните. Во 1960 година пристигнала во Танзанија, каде што започнала револуционерно истражување на шимпанзата во националниот парк Гомбе. Нејзините набљудувања дека шимпанзата користат алатки, имаат сложени социјални односи, изразуваат емоции и сочувство, засекогаш го променија разбирањето на науката за разликите и сличностите меѓу луѓето и животните.

Но работата на Гудал не застанала само на научното откритие. Таа станала симбол на борбата за заштита на животната средина, на загрозените видови и на животинските права. Во 1977 година го основала Институтот „Џејн Гудал“, кој се занимава со заштита на шимпанзата и со едукација за природата, а преку глобалната програма „Рутс & шутс“ ја инспирирала младината да се вклучи во заштита на планетата.

Џејн Гудал почина вчера, на 91-годишна возраст, оставајќи зад себе не само научно наследство, туку и глобално движење кое го потсетува човештвото дека секој поединец има улога што може да ја одигра, и секој поединец може да направи промена.

Во нејзина чест издвојуваме некои од нејзините најубави цитати.

- Еден ден ќе се навратиме на оваа мрачна ера на земјоделството и ќе си ја удриме главата. Како можевме некогаш да поверуваме дека е добра идеја да ја одгледуваме нашата храна со отрови?

- По 300 дена годишно сум на пат. Зборувам за тоа што му правиме на нашиот свет, како ги уништуваме шумите, ги загадуваме океанот, воздухот и реките, како прскаме отровни хемикалии врз нашата храна преку пестициди и хербициди. Морам денес да работам со младите за да создадеме нови генерации кои ќе се грижат за оваа стара планета подобро од нас, пред да биде предоцна.

Најмалку што можам да направам е да зборувам во име на стотиците шимпанза кои во овој момент седат згрбавени, несреќни и безнадежни, гледајќи со мртви очи од нивните метални затвори. Тие не можат да зборуваат за себе.

- Ако не направиме нешто за да им помогнеме на овие суштества, се исмејуваме на целата идеја за правда.

- Зарем навистина сакаме да живееме во свет без големите мајмуни, нашите најблиски роднини во животинското царство? Свет во кој повеќе нема да се воодушевуваме на величествениот лет на белоглавите орли или на завивањето на волците под месечината? Свет во кој нема да нè збогатува глетката на гризли мечка со своите мали, како бараат бобинки во дивината? Што ќе помислат нашите внуци ако овие магични слики постојат само во книгите?

- Го поминав животот зборувајќи во име на животните. И постои едно прашање што особено се издвојува како една од најголемите закани за нивниот опстанок: нелегалната трговија со диви животни. Ако не направиме нешто денес, би можеле да се соочиме со свет во кој илјадници видови ќе замолчат. Засекогаш. Но постои нешто што можеме да го направиме денес, и тоа ќе биде возможно само ако работиме сите заедно.

- Не можеш да поминеш ниту еден ден без да оставиш влијание врз светот околу тебе. Она што го правиш има значење и мораш да одлучиш какво ќе биде тоа значење.

- Промената се случува кога ќе слушаме и потоа ќе започнеме дијалог со луѓето кои прават нешто во кое не веруваме.

- Само ако разбереме, ќе се грижиме. Само ако се грижиме, ќе помогнеме. Само ако помогнеме, ќе бидеме спасени.

- Можеме да имаме свет во мир. Можеме да се движиме кон свет во кој ќе живееме во хармонија со природата. Во кој ќе живееме во хармонија едни со други. Без разлика од која нација доаѓаме, која религија ја следиме или на која култура припаѓаме. Тоа е насоката кон која се движиме.

- Животните имаат право на достоинство и живот, исто како нас.

Извор: Earth.org
Фото: Screenshot/YouTube
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот