X
 03.05.2022 Живот

Откриена тајната на најсреќниот човек на светот, со помош на скенирање на неговиот мозок

Сите сакаме да бидеме среќни, а често тоа чувство ни бега. Современиот бурен начин на живот нè оддалечува од таа цел, но да се биде блажено среќен воопшто не е толку недостижна цел. Нема врска со околностите и ситуациите во кои живеете, со луѓе или пари, и зависи исклучиво од вас.

Како знаеме? Според 12-годишното истражување за невронаука од Американскиот универзитет во Висконсин-Медисон, кое ги проучувало мозочните активности на луѓе кои штотуку почнуваат да медитираат, луѓе кои долго време медитираат и луѓе кои воопшто не медитираат.

Докажано е дека мозочните бранови на луѓето што медитираат укажуваат на намалено ниво на стрес и негативни чувства и покажуваат дека се посмирени и посреќни. Но, од сите испитаници, најмногу ги привлекол Матје Рикар, будистички свештеник кој долги години практикувал медитација. На неговата глава биле прикачени 256 сензори кои ја мереле електричната активност на неговиот мозок додека медитирал.

Неговиот мозок произведувал невообичаено високи нивоа на гама-бранови, оние што ги поврзуваме со свеста, вниманието, учењето и меморијата - досега невидени во невронауката.

Но, уште поважно е тоа што мозокот на Рикар покажал невообичаено висока активност во левиот префронтален кортекс, во споредба со десниот, што му дава огромна способност да доживее среќа и да ја намали склоноста кон негативно размислување. Во основа, неговата способност да се чувствува среќен и соодветно да реагира на стресот била поголема од способноста на сите други испитаници.

Поради таа причина, тој бил наречен најсреќниот човек на светот.

sreken
Фото: Wikipedia

Во текот на првите десет години од 21 век научниците го проучувале неговиот мозок, испитувајќи го со сè понапредни методи. Функционална магнетна резонанса во 2015 година покажала слични, но уште попрецизни резултати.

Матје, Французин по потекло, израснал во атеистичка средина, а пред да го привлече будизмот, поради што се преселил во Непал, бил молекуларен биолог.

Така, неговите социјални и генетски предиспозиции не укажуваат на такви потенцијали, иако е невозможно да се знае како функционирал неговиот мозок пред да се вклучи во ригорозна практика на медитација.

Но, сè повеќе и повеќе неодамнешни студии покажуваат дека медитацијата го менува мозокот, намалувајќи ја, на пример, амигдалата, која е одговорна за доживување страв и интензивни емоции.

Вежби за умот

Рикар тврди дека е исклучително среќен човек, но истакнува дека за среќа и мир е потребно вежбање на умот, исто како што ги вежбаме мускулите во сала за вежбање. Како што вели, како што за мускулите користиме тегови, така за вежбање на среќата треба да се користат медитација и вежби за насочување на вниманието.

И покрај тоа што препорачува добро позната и научно докажана осумнеделна програма за намалување на стресот заснована на свесност, тој вели дека медитацијата доаѓа во многу форми и не вклучува само седење во положба на лотос под дрво.

Секоја форма на практика што нè учи како подобро да ги разбереме и набљудуваме навиките на нашиот ум, начините на кои тој создава состојби и расположенија, всушност е медитација. Иако функционира само ако се применува на долг рок, Рикард вели дека само 15 минути дневно се доволни за да почнеме да ја менуваме внатрешната атмосфера што ќе влијае врз тоа како го доживуваме светот.

Тој, исто така, истакнува дека среќата се зголемува со практикување добрина кон другите.

Тој нагласува дека тоа не се заснова на морал, туку на фактот дека самооптоварувањето создава болна внатрешна атмосфера и нè поттикнува да го доживуваме надворешниот свет како закана, а помагањето на другите носи исполнување.

Извор: b92.net
Фото: Wikipedia
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот