X
 03.05.2025 Здравје

Како влијае алкохолот врз нашата кожа ако го консумираме секој ден

Алкохолот го дехидрира нашето тело, вклучително и нашата кожа, а тоа се случува секогаш кога го консумираме. Кога пиеме, дехидрирачкиот (или диуретик) ефект на алкохолот значи дека нашата кожа губи течности и хранливи материи кои се од витално значење за здрав изглед на кожата. Ова може да предизвика кожата да изгледа збрчкана, безживотна и сива, или надуена и отечена.

Темни кругови под очите


Алкохолот може да ни помогне полесно да заспиеме, но сигурно нема да ни дозволи да ја поминеме ноќта во длабок, мирен сон. Алкохолот го нарушува нормалниот ритам на спиење, носи немир и кошмари, а следниот ден се будиме со темни кругови под очите. Ладните облоги би требало да го решат овој проблем, но најдоброто решение е дефинитивно добриот сон.

Надуеност

По цела ноќ пиење, можеме да се разбудиме со отечени очни капаци бидејќи алкохолот го дехидрира телото. Неопходно е да пиете многу вода во текот на денот за да останете хидрирани. Алкохолот, исто така, може да ја иритира слузницата на желудникот, што доведува до отечен, надуен стомак.

Затоа, треба да пиете помалку алкохол и повеќе вода, а лековите без рецепт може да помогнат при надуеност.

Розацеа

Ако лицето ни поцрвени кога пиеме, може да имаме одреден степен на розацеа - црвенило на кожата каде што се видливи капиларите. Розацеата предизвикува делови од лицето, особено образите, носот, брадата и челото, да станат црвени. Некои студии покажуваат дека алкохолот може да ги зголеми шансите за добивање розацеа доколку претходно не сме ја имале.

Поцрвенети образи


Ензимите одговорни за разградување на алкохолот може да предизвикаат црвенило на вашите образи кога пиете. Ензимот „ALDH2“ го разградува отровното соединение алкохол. Кога не работи правилно, токсините се таложат во клетките, што доведува до чувство на топлина и руменило во образите. Оние што се генетски предиспонирани за оваа појава се посклони на него.

Исип

Кога пиеме алкохол, на површината на кожата може да се појави црвен исип со чешање. Тоа влијае само врз еден дел од телото, а понекогаш и врз целото тело. Понекогаш исипот е симптом на нетолеранција на алкохол, што значи дека телото не може правилно да ја разложи оваа супстанција. Може да се појави и како резултат на алергиска реакција на некоја состојка во пијалакот.

Целулит


Обилното консумирање алкохол ја зголемува веројатноста за развој на целулит, или воспаление на поткожното сврзно ткиво, бактериска инфекција на кожата која обично ги зафаќа нозете. Кожата во таа област станува црвена, отечена, болна и топла на допир. Бактериите влегуваат во телото преку расеченица или рана на кожата. Оваа инфекција може да биде сериозна и бара медицинска помош и антибиотска терапија.

Чувствителност на сонце

Кај некои луѓе сончевата светлина предизвикува екстремно црвенило, пликови и болка. Овој проблем често е наследен, а може да се активира и со употреба на алкохол. На кожата потоа се појавуваат меурчиња, ве чеша и поцрвенува кога е изложена на сончева светлина, а за да се ублажат симптомите, треба да престанете да консумирате алкохол и да избегнувате директна сончева светлина.

Псоријаза

Редовното консумирање обилна количина алкохол може да предизвика псоријаза, состојба во која клетките на кожата се таложат и создаваат суви дамки кои чешаат. Кај луѓето што веќе страдаат од псоријаза алкохолот може да ја влоши состојбата, особено кај мажите. Алкохолот, исто така, го забавува лекувањето на оваа кожна болест.

Првут


Појавата на првут на скалпот, или мрсна кожа на други делови од телото, се нарекува себореичен дерматитис. Ова често е знак за проблеми со имунолошкиот систем или габични инфекции во телото. Кај некои луѓе консумирањето алкохол може да ја влоши оваа состојба. Шампоните против првут се покажале ефикасни во лекувањето на оваа состојба, но доколку себороичниот дерматитис стане тежок, можеби ќе биде потребна лекарска помош за соодветна терапија.

Рак на кожа

Консумацијата на алкохол е поврзана со рак на устата, грлото, гркланот и хранопроводот. Истражувањата покажуваат дека употребата на алкохол е поврзана и со најчестите типови рак на кожата. Додека телото работи на поправка на оштетувањето на ДНК предизвикано од сонцето, алкохолот може да го попречи тој процес.

Црвени дланки


Тоа се случува ретко, но дланките на рацете, а можеби и стапалата, може да поцрвенат без причина, но не болат и не чешаат. Оваа појава може да биде наследна, но може да биде и последица на земање лекови, заболување на црниот дроб или често консумирање големи количини алкохол. Не постои лек за ова црвенило. За да се ублажат симптомите, треба да се намали внесот на алкохол или да се третира основната болест.

Црвенило и течење на носот


Носот може да стане црвен и затнат или да се растече по пиење пиво или чаша вино. Реакцијата е слична на алергија и обично се јавува во рок од еден час од почетокот на консумирањето алкохол. Тоа е честа појава кај луѓе што имаат астма, проблеми со синусите или чувствителност на аспирин и други нестероидни антиинфламаторни лекови. Во овој случај лекарот може да ви помогне со тоа што постепено ќе ве навикне на аспирин, кој треба да ги олесни симптомите.

Извор: eklinika.telegraf.rs

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје