Во текот на 80-тите, светот ја запозна легендата за мистериозната слика „Расплаканото момче“, за која многумина верувале дека носи проклетство. Оваа слика го красела ѕидот на бројни домови ширум светот - од Велика Британија, преку Италија, па сè до поранешна Југославија.
Тоа била слика што многумина ја паметат од детството: тажно детско лице, очи полни солзи, необично хипнотизирачки поглед. Во бројни домови висела над троседот или покрај семејните фотографии. А потоа, почнале да кружат вознемирувачки приказни.
Станува збор за серија слики што во 50-тите ги насликал италијанскиот уметник Џовани Браголин. Прикажувале деца со тажен израз, често со солзи во очите. Делови од таа серија биле масовно репродуцирани, а само во Велика Британија биле продадени повеќе од 50.000 примероци. Сепак, една слика се издвојувала - „Расплаканото момче“.
„Огненото проклетство“
Во септември 1985 година, британскиот таблоид „Сан“ објавил статија со наслов „Огненото проклетство на расплаканото момче“ (Blazing Curse of the Crying Boy), во која ја пренел приказната на Меј и Рон Хал од Ротерхам, чија куќа изгорела до темел. Пожарот наводно бил предизвикан од фритеза со масло, но една работа останала целосно недопрена - сликата на „Расплаканото момче“.
- Не е виновна фритезата. Виновно е момчето од сликата - тврделе сопружниците Хал.
Она што првично изгледало како уште една сензационална приказна од таблоид, брзо добило посериозна димензија. Еден британски пожарникар изјавил дека интервенирал во 15 различни куќи кои целосно изгореле, а во сите нив единственото што останало недопрено била самата слика.
Потоа „Сан“ започнал серијал написи за „проколнатата слика“. Една куќа во Сари изгорела само шест месеци откако сопственикот купил копија од сликата. Пицерија во Норфолк изгорела до темел, а единственото што преживеало била токму оваа слика. Жена од островот Вајт се обидела да ја запали сликата, но не успеала, а потоа, според нејзините зборови, била „прогонувана од несреќи“.
Кое било „Расплаканото момче“?
Браголин наводно често сликал деца од сиромашни семејства, па почнале да се шират разни теории за идентитетот на момчето од сликата. Една од најпознатите вели дека детето загинало во пожар, а неговиот дух бил „заробен“ во сликата, одмаздољубиво и немирно.
Друга теорија сугерира дека сликарот бил опседнат со тагата, па емоциите на болка и страдање буквално ги вградил во своите дела. Секако, ниту една од овие приказни никогаш не била потврдена, но тоа не ги спречило луѓето да веруваат во проколнатото потекло на сликата.
Кога паниката достигнала врв, од „Сан“ решиле да реагираат на својствен начин. На Ноќта на вештерките во 1985 година, новинарите организирале масовно палење на стотици копии од „Расплаканото момче“. Настанот дополнително ја разгорил мистеријата, но и ја поделил јавноста - дел верувале дека проклетството е засекогаш уништено, додека други сметале дека со тоа само уште повеќе го налутиле „духот“ од сликата.
Легенда што опстојува
До денес не постојат научни докази дека сликата на кој било начин е одговорна за пожари или несреќи. Сепак, легендата за „Расплаканото момче“ остана дел од поп-културата, а многумина и денес со непријатност се сеќаваат на сликата што некогаш висела на ѕидот во нивниот дом.