Алиса Тепљакова е девојка за која светот слушна пред неколку години, кога влезе на Факултетот за психологија како деветгодишно девојче и стана најмладата студентка на Државниот универзитет во Москва. Целата земја беше воодушевена од неа и милиони го следеа нејзиниот напредок на социјалните мрежи. Оваа година, на 23 јули, таа наполни 13 години, а во меѓувреме сè се промени во нејзиниот живот.
Од моментот кога влезе на универзитет и сите слушнаа за неа, нејзиниот живот стана целосно хаотичен, следуваа низа скандали и конфликти додека нејзините родители се обидуваа да докажат дека нивната ќерка е чудо од дете, а не жртва на семејни амбиции.
На почетокот се чинеше дека ова исклучително интелигентно девојче успева да се справи со улогата на студентка - одеше на предавања, правеше сè што ѝ требаше за факултет, но набрзо почнаа конфликти со професорите и колегите, а потоа следуваа и притисоци.
Нејзиниот татко, Евгениј Тепљаков, го обвини универзитетот за малтретирање, некомпетентност и незадоволување на потребите на неговата ќерка. Од друга страна, универзитетот тврдеше дека Алиса имала тешкотии со приспособувањето, дека не можела да се справи со сè што требало да направи на факултетот, а нејзиниот татко, кој доаѓал со неа на предавања, често се мешал и ги прекинувал.
Пред две години, во 2023 година, беше објавено дека девојчето повеќе не студира на овој универзитет, а во меѓувреме, семејството одлучило таа да се школува дома, и редовно објавувале како напредува.
Алиса сè уште живее со своите родители и помладите браќа и сестри и го продолжува своето образование, а таткото Евгениј ги споделил оценките и сертификатот за студии на Московскиот државен автомобилски и патен технички универзитет (МАДИ). Девојчето студира на полето „Информатика и компјутерско инженерство“.
Сепак, многу експерти се на мислење дека родителите се обидуваат да ја направат Алиса позната по секоја цена и предупредуваат дека популарноста и притисокот можат да имаат многу негативен ефект врз менталното здравје на девојчето.
Извор: yumama.mondo.rs
Фото: YouTube screenshot