X
 03.11.2020 Култура

Јапонија - земјата каде што физичкото дистанцирање и маските се културолошки карактеристики

Со народ што почитува хигиена и физичко растојание, Јапонија е безбедна земја.

- Новото нормално всушност е старото нормално за Јапонија - вели Метју Џослин, менаџер за маркетинг и комуникации на туристичкиот одбор, за новите мерки за физичко дистанцирање и зголемената свесност за хигиена на кои постојано апелираат властите од сите држави во светот.

Метју објаснува дека шинтоистичките и будистичките култури често ги заменуваат ракувањата со поклонување, додека миењето од глава до петици е редовен ритуал. Културата за носење маски во Јапонија датира од пред 100 години, уште во време на шпанскиот грип, додека бесконтактното плаќање не е ништо ново.

Од појавата на пандемијата, хотелите и одморалиштата функционираат, спроведувајќи проверка на температурата и имплементирајќи нова технологии за спречување на ширењето на вирусот.

Додека граѓаните на другите земји низ светот се спротивставуваат на носењето маски за лице, сметајќи дека оваа мерка е непотребна, неефикасна или ги крши нивните граѓански слободи, јапонскиот народ веднаш се приспособи со оглед на тоа што ова го практикуваше и претходно.

Иако носењето маски не е единствената причина зошто Јапонија има релативно ниска инфекција и стапка на смртност од оваа болест, епидемиолозите велат дека ова е сигурен позитивен фактор што придонесува.

Бројот на заразени во Јапонија е релативно низок бидејќи земјата има култура на чистота, вклучувајќи и често миење на рацете, а луѓето се поклонуваат во формални ситуации наместо да се бакнуваат или да се ракуваат.

Слично на тоа, носењето маски на јавно место е навика што се практикува повеќе од еден век и се чини дека потекнува од религиозни фестивали.

maski
Фото: Freepik

Антички обичаи


Во 1868 година, кога почнала обновата на периодот меиџи, во уметничките дела луѓето биле прикажувани со покриени усти. И во последните децении од 19 век, кога Јапонија брзала да се модернизира и да го стигне Западот, загриженоста од инфекции придонела сѐ повеќе луѓе да купуваат платнени маски за да се заштитат. Производство и носењето маски се зголемиле во 1918 година, кога Јапонија била погодена од пандемија на шпанскиот грип кој предизвикал дури 50 милиони смртни случаи на глобално ниво.

Се смета дека болеста пристигнала во Јапонија пролетта 1918 година, а ја донеле сумо-борачи кои се враќале од турнир во Тајван.

Втора епидемија била прогласена во мај, кога болеста била дијагностицирана кај морнар. Иако евиденцијата е нецелосна, академиците проценуваат дека помеѓу 257.000 и 481.000 Јапонци починале од шпанскиот грип. Но, друго истражување од американски академици посочува дека реалната бројка може да е 2,02 милиона смртни случаи. Тоа би било 3,6 отсто од 56-милионското население.

Оттогаш останало носењето маски, особено во сезона на зимски грип и во текот на пролетните месеци, кога многу Јапонци страдаат од алергии на полен предизвикани од зимзелени дрвја засадени низ годините непосредно по Втората светска војна за да се обезбеди граѓа за обновување на градовите.

Дел од културата

Како последица на тоа, Јапонија не се противеше кога медицинските експерти, уште во раните недели на пандемијата, изјавија дека носењето маска ќе го намали ризикот од зараза.

- Маските за лице се дел од нашата култура и не е нешто што некој би го доведувал во прашање. Многу странци што ја посетија Јапонија пред пандемијата веруваат дека луѓето носат маски за да се заштитат себеси од луѓето наоколу. Да, тоа е точно, но тие носат маски и заради заштита на луѓето наоколу, во воз или автобус. На тоа гледаме како на внимателна, пристојна работа што треба да се направи - вели Јоко Цукамото, професорка по контрола на инфекции на Универзитетот за здравствени науки во Хокаидо.

- Науката за носење маски варира прилично драматично и некои експерти сметаат дека е толку низок процентот на заштита, што ја намалува веројатноста за зараза за само 30 отсто. Сепак, Јапонците се штитат себеси и со физичко растојание и медицински. Како општество, очекуваме сите околу нас да ги имаат истите стандарди - вели Макото Ватанабе, професор по комуникации на Универзитетот „Хокаидо Бункио“.

Извор: Deutsche Welle | Ttgmedia.com
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура