Британската музичарка Оливија Дин последниве месеци ја освојува публиката во светот. Нејзиниот нов сингл „So Easy (To Fall In Love)“ стана вистински интернет-феномен: само на „Тик-ток“ песната е употребена во речиси 400.000 видеа, а корисниците не престануваат да ги цитираат нејзините заразни стихови за љубовта, самодовербата и леснотијата на вљубувањето.
Оливија е позната по својот топол соул-поп звук, кој спојува ретроромантика и современ музички израз. Токму таа комбинација го освои „Тик-ток“, каде што песната инспирира илјадници креативни видеа, од танц-предизвици до духовити интерпретации на стихови.
„Женска химна“ со подлабока порака
Иако звучи како безгрижна љубовна приказна, песната носи подлабока порака. Оливија објаснува дека ја напишала како потсетник за жените за нивната вредност и сила.
- Често премногу размислуваме дали ние им се допаѓаме на другите наместо да се прашаме дали тие ни се допаѓаат нам. Оваа песна е мала доза на самодоверба пред секој состанок - изјавила во едно интервју.
Синглот е дел од нејзиниот албум „The Art of Loving“, создаден во соработка со авторите Џон Рајан, Макс Волфганг и Ејми Ален. Критичарите го опишуваат како збирка песни што ја слават љубовта во сите нејзини форми: романтична, пријателска, но и љубовта кон себе.
Интересно е што песната привлече и неочекувана публика, односно мажите. Многумина започнаа да објавуваат видеа во кои со насмевка пеат и танцуваат на „женската химна“, што ѝ било особено интересно на Оливија.
- Многу ми е симпатично кога ќе видам мажи како се забавуваат со мојата музика. Можеби токму тоа е суштината. Музиката ѝ припаѓа на секоја личност, без оглед на полот - изјавила низ смеа.
Извор:
Citiymagazine.danas.rs