X
 05.02.2026 Наука

Научниците првпат ѕирнаа во последните мигови на мозокот додека човекот умира: „Сега знаеме какво е чувството да се умре“

Како изгледа умирањето? Искуствата блиски до смртта со децении ги фасцинираат луѓето, а сè повеќе научни докази укажуваат дека во мозокот се случува нешто необично во моментот кога чувствуваме дека крајот се приближува.

Иако постојат многу сведоштва, самите моменти на умирање во голема мера остануваат непознати, особено кога станува збор за субјективното доживување на тој процес. Затоа, во последните години научниците се насочија кон проучување на мозочната активност кај пациенти во последните минути од животот.

Мозокот по смртта

Истражувањата покажуваат дека моментот кога на мониторот се појавува рамна линија, симбол на смртта во филмовите, всушност не го означува моменталното умирање на мозокот.

Мозочните клетки имаат енергетски резерви што им овозможуваат кратко време да функционираат и по прекинот на дотокот на крв. Според неврохирургот и невронаучник Ајмал Земар, вистинската мозочна смрт настапува подоцна, веројатно повеќе од една минута по запирањето на срцето, кога ЕЕГ покажува целосен прекин на мозочната активност.

Кога мозокот престанува да добива кислород, најпрво доаѓа до налет на активност, веројатно инстинктивен обид на мозокот да преживее. Потоа следува период на побавни мозочни бранови, а на крај целосна тишина на ЕЕГ.

Во тој процес, мозочните клетки почнуваат да се исклучуваат, што доведува до масовно ослободување на невротрансмитери и јони. Овој феномен Земар го нарекува „трифазен бран на смртта“, опишувајќи го како невронски огномет во кој невроните неконтролирано пукаат.

Ако во текот на овој процес човек нешто доживува, веројатно тоа се случува на самиот почеток, при првиот налет на мозочната активност. За разлика од хаотичниот бран на смртта, оваа активност е високо организирана и, според Земар, веројатно претставува свесно искуство.

- Mозокот обично вака функционира за време на медитација или при многу сложени когнитивни задачи, како да се обидува да изведе исклучително координирана активност - објаснува тој.

Сфаќање на последните моменти

Во мало истражување спроведено на Универзитетот во Мичиген биле анализирани податоци од пациенти кои починале додека биле приклучени на ЕЕГ и ЕКГ-апарати. Кај дел од нив, неколку секунди по исклучувањето на респираторот, биле забележани силни налети на гама-бранови - најбрзите мозочни бранови, поврзани со свесна обработка на информации.

Оваа активност била регистрирана во задната кортикална зона, дел од мозокот кој се поврзува со свесното доживување.

- Непосредно пред смртта мозокот е хиперактивен. Претходно доминираше мислењето дека мозокот пред крајот се откажува, но нашите резултати го покажуваат спротивно - вели невронаучникот Џимо Борџиџин.

Исто така, податоците укажуваат на силна активност во мозочните региони задолжени за меморија, што се совпаѓа со сведоштва на луѓе кои при искуства блиски до смртта гледаат сцени од својот живот или сакани лица.

Хипоксијата може да предизвика ослободување на хемикалии кои создаваат чувство на мир и спокојство. Зголемениот серотонин, ендорфините и норадреналинот може да објаснат зошто овие искуства често се опишуваат како пријатни, а не застрашувачки.

- Искуството блиско до смртта може да биде начин организмот да се справи со исклучително стресна и болна ситуација - објаснува докторката Шарлот Маршал.

Научниците нагласуваат дека смртта не се случува во еден миг.

- Смртта не е момент. Смртта е процес - вели Земар.

За оние што се соочуваат со загуба, сознанието дека мозокот во тие моменти може да создава чувство на мир може да биде утешително.

- Тоа не е мрачна црна празнина од која се плашиме. Луѓето тогаш всушност се во мир - додава тој.

На крајот, овие истражувања отвораат и прашање за живите. Ако е можно, пред крајот на животот, пред нашите очи да се одвива филм од сопствените сеќавања, како треба да живееме денес за тој филм да биде исполнет?

- Кој бил вашиот последен искрен разговор со пријател или партнер? Тоа се работите што навистина имаат значење - вели Земар.

Извор: Nova.rs
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука