X
 05.02.2026 Живот

Дениз Димовски и Иван Катранџиски од „Пивара Скопје“ трчаа со олимпискиот факел пред стартот на ЗОИ 2026: „Доживуваш спектар од емоции кога сфаќаш дека си дел од сонот на секој спортист“

Дениз Димовски, менаџер за луѓе и култура во „Пивара Скопје“, и Иван Катранџиски, менаџер во комерцијалниот сектор на „Пивара Скопје“ трчаа со олимпискиот факел во Италија како дел од глобалната олимписка иницијатива на „Кока-Кола“, која е партнер на Зимските олимписки и параолимписки игри Милано – Кортина 2026.
Дениз и Иван во разговор за „Факултети.мк“ го раскажаа своето необично искуство од носењето на олимпискиот оган во пресрет на почетокот на Зимските олимписки игри, кои официјално ќе започнат утре во Кортина, Милано.


- Кога дознав дека ќе го носам олимпискиот факел, чувството беше исто како пред спуст со сноуборд на стрмна и неистапкана патека - адреналин, фокус и огромна возбуда. Тоа не беше само трчање со пламен, туку момент што ги спојува спортот, луѓето и страста - сподели Дениз.

Како пасионирани спортисти, двајцата зборуваат за мотивацијата, подготовките, настанот и емоциите што ги доживеале носејќи го олимпискиот факел, што е сон на многу олимпијци.

- Можноста ја добив преку компанијата „Кока-Кола“. Имаше интерен конкурс да се пријавиме за избор на учесници од целиот свет. Ми беше голема чест да го носам олимпискиот факел во поединечен избор. Искрено, кога стигна информацијата, прво помислив дека е некоја спам електронска пошта. Но кога сфатив дека е реално, бев пресреќен и сакав да споделам со сите - откри Иван.

Дениз Димовски е менаџер за луѓе и култура во „Пивара Скопје“, пасиониран сноубордер и човек кој верува дека најсилните резултати се постигнуваат кога луѓето, спортот и вредностите се движат во иста насока. Тој раскажа како се подготвил за необичното искуство и како изгледал целиот настан.

- Иако трчањето трае кратко, сè околу него е сериозно организирано. Имаше многу јасни инструкции, постојана координација и точно дефинирани процедури. Кога сето тоа е поставено како што треба, ти останува само да се опуштиш, да се фокусираш и да уживаш во моментот. Физички гледано, факелот го носиш релативно кратко, околу 300 метри, и сè зависи колку брзо ќе ги истрчаш. Кај мене беше уште поубаво затоа што трчавме во група, со меѓусебно додавање и преземање на факелот. Ментално и емотивно, тоа е момент што трае многу подолго и останува со тебе засекогаш - се присети Димовски. 


Дениз Димовски

Иван Катранџиски е менаџер во комерцијалниот сектор на „Пивара Скопје“. Спортува долги години, а денес главна преокупација му се трчање, фитнес и велосипедизам. Силно верува дека луѓето со труд, конзистентност и поддршка можат да се подобруваат секој ден во кој било дел од животот и да бидат најдобра верзија од себеси. Оваа верба му дала мотив подобро да се подготви за настанот практикувајќи секој ден фитнес и трчање пред работа.

- Како се доближуваше денот кога требаше да тргнам за Италија, почнаа да стигнуваат голем број информации и насоки за целиот настан. Голем фокус се става на процедурата и безбедноста, па затоа и треба добро да се научат и почитуваат сите протоколи. Целиот настан трае три до четири часа. Започнува со пристигнување на предефинирано собирно место, во мојот случај тоа беше спортскиот центар во Каљари. Потоа се идентификуваат сите учесници и се дели облеката за носење на олимпискиот факел и задолжителна обука за процесот на самиот настан, како се презема олимпискиот оган и како се предава. Кога започнува настанот, конвој ги носи избраните на нивните маршрути за носење на факелот, од каде што започнуваат, а завршува со враќање во конвојот и голема церемонија во градот каде што дента се носи факелот. Олимпискиот оган се носи 300 метри и целиот настан трае околу 5 минути. Организаторите топло препорачуваат да не се брза и носителите максимално да уживаат. Морам да ви признам дека се трудев што побавно да се движам за да не заврши брзо - откри Катранџиски.

Дениз е човек кој цел живот спортува и ги сака зимските спортови. Ова искуство го вратило во моментите кога како гледач се прашувал: Како ли е да си таму?

- Додека го носев факелот, помислив на олимписката атмосфера што со години ја гледавме, како кога го гледав Шон Вајт. Чувството беше мешавина од возбуда, гордост и благодарност затоа што сфаќаш дека си дел од сонот на секој спортист - истакна Дениз.

За Иван, ова е „еднаш во животот“ тип на искуство и огромна чест.

- Цел спектар на емоции. Живееме во многу турбулентно и непредвидливо време, но додека си таму, има некој друг вид енергија, вклучително и кај сите гледачи на настанот. Позитивни, среќни и весели луѓе. Додека се движевме со конвојот, ми поминаа мисли за целиот пат што ме донесе тука, семејството, пријателите, колегите. Искрено, без сите нив не може да се достигне ова, сите придонесуваа и нѐ подржуваа да дојдеме во овој момент на ова место. Додека го носиш факелот, едноставно те исполнува среќа. Сите поздравуваат, поздравуваш и ти, едноставно моменти на позитивна енергија и она што навистина сме сите ние како човечки суштества - се присети Иван.


Иван Катранџиски

Искуството со олимпискиот оган го потсетило Дениз дека големите резултати доаѓаат од јасна визија, дисциплина и тимска работа.

- Во работата со луѓе, тоа е постојана инспирација – да се создава средина каде што секој има улога, чувство на припадност и можност да го даде најдоброто од себе - вели Дениз.

Олимпискиот оган за Иван бил потврда за неговите вредности на приватен и професионален план.

- Дека со труд и конзистентност ќе дојдат резултатите, сѐ додека се стремиме да бидеме подобри секој ден. Но и никако да не заборавиме дека со тимот сме посилни и посреќни - вели тој.

Дениз и Иван испратија порака за сите што сонуваат да го носат олимпискиот оган.

- Олимпискиот оган не е само за оние што стојат на подиум, туку за сите што секој ден стануваат и трчаат по нешто во што веруваат. Не мора да бидете најбрзи, доволно е да не застанете - порача Дениз.

- Зграбете ја секоја шанса, секој пад е можност да се научи и да се издигнеш повисоко, секој животен предизвик гледајте го како можност, а не како пречка и секој предизвик споделете го, не соочувајте се со него сами, има луѓе кои секогаш ќе ве поддржат - додаде Иван.


Фото: приватна архива

Оваа содржина е заштитена со авторски права. Фотографиите се од сопствени извори или од платени сервиси. Секоја употреба, копирање, преземање, репродукција или дистрибуција, целосна или делумна, без претходна писмена дозвола од редакцијата, е строго забранета и подлежи на законска одговорност. Бесплатно преземање е можно само на првата третина од текстот, со јасно наведен извор и линк до изворниот текст во првата реченица. Факултети.мк ги почитува професионалните/етичките стандарди, Кодексот на новинарите и Принципите на Меѓународната федерација на новинарите.
Подготвил: Орце Костов

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот