X
 04.01.2022 Култура

Со 40 фестивали, 60 изложби и 250 настани градот Каунас сака да ја врати својата стара слава

Вториот по големина град во Литванија често е во сенка на главниот град Вилнус. Овој негов статус требаше да биде променет со титулата европска престолнина на културата за 2022 година - со потсетување на времињата на просперитет и историските трауми.

Каунас со нетрпение очекува да биде европска престолнина на културата за 2022 година. Градот повторно ќе се пронајде себеси, ќе воспостави нов мит и ќе го изостри својот профил. Вториот по големина литвански град сака да се претстави како модерен и европски град, со многу култура и самодоверба. Тоа треба да му помогне да излезе од сенката на главниот град Вилнус.

Комплексна историја


Каунас има невообичаена, сложена и променлива историја, нагласи литванскиот министер за култура при презентацијата на програмата, која официјално ќе започне на 22 јануари. Тој вели дека во градот, кој е опкружен со неколку ридови и се наоѓа на спојот на една и друга река, е видлив целиот калеидоскоп на епохите и политичките системи.

Јадрото на програмата го сочинува трилогијата „Мит од Каунас“ - настани кои се распоредени во три викенди во текот на годината. Домашни и странски уметници ќе создадат нова, поврзувачка легенда која ќе создаде идентитет на градот од 300.000 жители. Посетителите ќе проследат концерти, изложби, светлосни спектакли и многу повеќе. Маскотата на градот ќе биде измислено чудовиште кое ќе се разбуди на почетокот на програмата. Ќе има 40 фестивали, 60 изложби и 250 настани од уметнички и музички карактер.

2
Фото: Freepik

Во Каунас ќе допатуваат и светски познати уметници, како Јоко Оно, Јужноафриканецот Вилијам Кентриџ и Марина Абрамовиќ. Покрај тоа, една театарска претстава ќе биде во режија на Американецот Роберт Вилсон.

- Сакам да одам во Литванија за да видам какво е чувството и дали мојата имагинарна земја и нејзината историја одговараат на она што ќе го најдам таму - вели Јужноафриканецот Вилијам Кентриџ. Првата изложба на овој уметник со литванско потекло ќе биде еден од најважните културни настани следната година.

Главната цел на трилогијата е промената: Намерата е да се трансформира Каунас од град потопен во носталгија во растечки, отворен град, кој верува во себе и во иднината. Тоа се изразува и во мотото за годината во која градот е престолнина на културата: „Од привремено до современо“. Тоа е алузија на можеби најдобрите години во историјата на градот - од 1919 година до 1940 година, Каунас тогаш беше привремено главен град на новоформираната Република Литванија. Потоа следуваше советската окупација и Вилнус повторно стана главен град.

Темните поглавја од Втората светска војна, холокаустот и советската окупација го измачуваат градот до ден-денес. Тие долго потиснувани трауми треба да се решат сега, 30 години по враќањето на независноста.

град
Фото: Instagram

Град на религијата наречена кошарка

- Каунас ја изгуби својата слава, гордоста и стана многу тажен град - вели директорката на проектот на културната престолнина, Вирџинија Виткиен.

Навистина, Каунас долго време закрепнуваше од губењето на статусот главен град на земјата, иако имаше значајна историја. Каунас прв од сите литвански градови беше член на сојузот Ханза, го имаше првиот литвански универзитет каде што литванските студенти слушаа предавања на својот мајчин јазик и тој е главен град на спортската религија наречена кошарка.

grad
Фото: Instagram

Особено е интересна модернистичката архитектура на градот, што е и во фокусот на програмата.

- Сметаме дека тоа е нешто со кое Европејците можат да се идентификуваат - рече Виткиен.

Каунас има 6.000 модернистички згради, изградени меѓу двете светски војни, за време на најславниот период на градот.

Главниот град Вилнус веќе беше културен главен град на Европа во 2009 година. Но, тогаш расположението не беше најдобро. Глобалната финансиска криза ги принуди организаторите значително да ги намалат буџетите, а со тоа и програмите. Покрај тоа, националниот авиопревозник банкротира, па многу посетители не можеа да пристигнат.

Дали сега  на Каунас му се заканува сличен дебакл поради круната? Виткиен е опуштена во тој поглед. Таа се надева дека сите манифестации ќе се одвиваат според планот, со почитување на мерките поради пандемијата. На ова се надева и градоначалникот на градот.

- Каунас е подготвен да се отвори за цела Европа како домаќин - вели градоначалникот, додавајќи дека титулата европска престолнина на културата 2022 е голема обврска.

Покрај Каунас, уште два града во 2022 година ќе ја носат титулата европска престолнина на културата за 2022 година: луксембуршкиот град Еш на Алзет и Нови Сад.

Извор: b92.net
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура