X
 20.08.2025 Технологија

Кинеските корпорации издаваат најмногу патенти, Европа заостанува

Во најновото рангирање на патенти „Глобал 250“ објавено од „ИФИ КЛЕЈМС Патент Сервисес“, сликата за глобалните иновации се менува во корист на азиските компании. Кинеските компании дефинитивно доминираат. Седум од првите десет позиции им припаѓаат на корпорации од Кина, а тамошната „Стејт Грид Корпорејшн“ е на чело по бројот на активни семејства на патенти. По нив следуваат Кинеската академија на науките и „Самсунг“ од Јужна Кореја.

Иако меѓу првите десет не е ниту една американска компанија, 45 компании доаѓаат од Соединетите Американски Држави. Тие се предводени од „ИБМ“ на 20. место со повеќе од 38.000 активни патенти, по што следат „Мајкрософт“, „Куалком“ и „РТХ“. Од друга страна, Јапонија има најмногу места на целото рангирање - дури 75 компании, или 30% од вкупниот број, додека 72 компании доаѓаат од Кина (29%).


На листата се појавуваат и три германски компании. „Бош“ е лидер во електронската дигитална обработка на податоци и решенија за автомобилската индустрија, „Сименс“ нуди патенти поврзани со дигитална обработка на податоци, батерии и системи за контрола на возила, а „Порше“ иновации поврзани со контрола на возила, батерии и дијагностички системи во автомобилската индустрија. „Дач Филипс“ е лидер во здравствената технологија, особено дијагностиката, со голем број патенти во областа на мерењето и обработката на медицински податоци.

„Индексот на меѓународните инвеститори“ (ИФИ Глобал 250) го мери бројот на активни семејства на патенти, што во суштина е бројот на уникатни пронајдоци што компаниите ги штитат низ целиот свет. Оваа анализа им дава на инвеститорите и аналитичарите појасен увид во технолошката сила на компанијата и нејзината стратегија за управување со интелектуална сопственост, подиректно отколку што даваат традиционалните финансиски извештаи. Таквата концентрација на патенти зборува за интензитетот на истражувањето и развојот, технолошката продуктивност и моменталната доминација на азиските компании на глобално ниво.

Извор: bug.hr
Фото: Freepik/IFI Global 250 screenshot

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија