X
 04.06.2022 Наша тема

Креативно пишување или креативна политика? Кинеската литература сѐ повеќе се преведува во Македонија

Во рамките на едициите преведени книги се и оние од најпознатиот кинески писател кој пишува за животните – Шен Шиси, кој е најтиражниот жив писател за деца во Кина. Неговите книги се продадени во повеќе од 64 милиони примероци

Во земјава со години постои можност за изучување на кинескиот јазик и се нудат многубројни стипендии и можности за изучување на кинеската култура. Растечкиот интерес за оваа култура може да се забележи и преку преводите на кинески книги, кои последниве години ги има сè повеќе кај нас.

Од 1978 година досега во Македонија биле преведени речиси 90 кинески наслови, покажуваат податоци од КОБИСС, организациски систем за библиотеки кој се користи во повеќе земји во Југоисточна Европа, вклучувајќи ја и Македонија. Од овие, над 50 преводи се објавени само од почетокот на 2018 г.

Проза или пропаганда?

Дел од преведените кинески книги во Македонија биле објавени во соработка со „Делфин книги“, издавачка куќа од Пекинг. Според нивната веб-страница, издавачката куќа била формирана како подружница на групацијата „Чајна интернешнал паблишинг груп“, која пак е во сопственост на кинеската Комунистичка партија. Овој издавачки гигант годишно објавува над 5.000 книги на над 40 јазици и поседува над 30 веб-страници, а има цел да им ја претстави кинеската култура на другите земји.


Фото: „Македоника литера“


Ана Крстиновска, експерт за односите меѓу Кина, ЕУ и Западен Балкан, објаснува дека една од клучните цели на надворешната политика на Кина од доаѓањето на Си Џинпинг на власт во 2013 година е да се раскаже добро кинеската приказна. Во тој контекст се вбројуваат и активностите за промоција на кинеската литература надвор од кинеските граници.

- И додека нема ништо спорно во преведувањето и промоцијата на најуспешните кинески книжевни дела, треба да се внимава кога се преведуваат изданија од издавачи поврзани со Кинеската комунистичка партија, како што е тоа случајот кај нас. Неретко тие книги содржат и идеолошка компонента која не е веднаш видлива. Целта е преку претставување на идеализирана верзија за Кина, односно преку истакнување само на позитивните аспекти да се претстави кинескиот модел на управување како успешна алтернатива на западните либерално-демократски вредности - вели Крстиновска.

Книга која содржи макар и најмала критика, особено за современата Кина и нејзините политики, воопшто не би била официјално издадена во Кина и преведена кај нас, додава Крстиновска.


Фото: Pixabay

Освен тоа, Кина директно инвестира во медиуми и инфлуенсери за да пласира содржини кои ја покажуваат во позитивно светло, открива Ивана Караскова, чешки експерт за Кина и нејзините активности во Централна и Источна Европа.

- Таа [Кина], исто така, ги користи социјалните мрежи за да шири пропаганда и дезинформации за да ја подобри меѓународната слика за Пекинг, да изгради позитивно мислење за Кина и да се бори со критиките насочени кон Пекинг за нарушувањата на човековите права - ни раскажа Караскова.

Интерес не недостига

Од издавачката куќа „Македоника литера“, која соработува со „Делфин книги“, велат дека иницијативата да се преведува кинеска литература била нивна. Издавачката куќа објавила педесетина кинески наслови досега, открива Нове Цветаноски, управител и главен уредник на „Македоника литера“. Иницијативата започнала пред десетина години, кога почнале да се објавуваат најпознатите дела на класичната кинеска филозофија, вели Цветаноски. Последните пет-шест години поинтензивно се објавува жанровски поразновидна кинеска литература.

Издавачката куќа „Феникс“, исто така, има издадено преводи на кинески книги, но во соработка со друг кинески издавач. И во овој случај иницијативата за објавување кинеска литература била на македонската страна. Проф. д-р Христо Петрески, директор на оваа издавачката куќа, вели дека се одлучиле за преведување кинески книги затоа што станува збор за древна цивилизација и светска култура.

- Планираме и во иднина да објавуваме книги од Кина, исто како што објавуваме книги и од сите други континенти и земји - вели Петревски.

Според Цветаноски од „Македоника литера“, интересот за кинеската литература можел да се забележи уште со објавувањето на првите преводи.

- Нашите читатели се навикнати на западната литература и речиси сè што доаѓа оттаму лесно се прифаќа. Но како што одминува времето, сè повеќе се прифаќа кинеската литература. Читателите што сакаат вредни дела безрезервно ја прифаќаат. А ние нудиме кинески книги за сите возрасти и нудиме фундаментални дела и ремек-дела - вели Цветаноски.

Доминираат детските книги

Вкупно 15 македонски издавачки куќи досега објавиле преводи на кинески книги. Се преведува стручна литература, белетристика, но и детска литература. Впрочем, бројот на преведени детски книги расте најбрзо последниве години бидејќи точно половина од преведените кинески книги од 2018 година наваму се детска литература.

Антологиската серија „Најдобрата кинеска литература за деца“ на „Македоника литера“ доминира меѓу публикуваните книги. Досега се објавени 18 книги, или 18 тома, од вкупно 25 планирани за објавување, вели Цветаноски. Во рамките на едицијата се и книги од најпознатиот кинески писател кој пишува за животните – Шен Шиси, кој е најтиражниот жив писател за деца во Кина. Неговите книги се продадени во повеќе од 64 милиони примероци во Кина.


Фото: „Македоника литера“


- На овој начин сакавме на македонските читатели да им донесеме нешто ново и нешто извонредно квалитетно. Нешто што доаѓа од друга култура, географски подалеку од нас, но која ѝ припаѓа на најстарата жива цивилизација. Овие проекти се многу значајни за нас, но и за македонската култура и за македонските читатели - заклучува Цветаноски.

Сузана Недевска, професорка по кинески јазик и косопственик на локално бистро, ги чита кинеските детски книги затоа што кинеските писатели зборуваат за морални вредности со кои таа се согласува. Според неа, кинеските писатели раскажуваат за почит, за модерното општење помеѓу децата и родителите, древни семејни односи, како и почитта кон постарата генерација, понизност кон мудростите и воспитување во духот на почит, чесност и отвореност и прифаќање на различностите во целост.

- Зборуваат за срам, срдечност и имање образ, подадена рака и даден збор како во нашите бајки и народни приказни што во нашето модерно време, за жал, се губат - вели Недевска.

Таа живеела во Кина и вели дека затоа ја почитува земјата, која ја опишува како друга, стара димензија на овој свет. Кога станува збор за кинеската детска литература, Недевска ни открива дека најмногу сака да чита басни, приказни и кратки есеи со морални вредности бидејќи тие се облагородени со искреност, љубопитство и исчекување на живот исполнет со топлина.


Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема