X
 06.02.2017 Култура

Што Петар Пан не` учи за меморијата и совеста?

Пред неколку години, невропсихологот Розалин Ридли случајно дошла до оригиналните приказни за Петар Пан од Бери. Ридли отсекогаш била страстен читател и колекционер на книги, меѓутоа како што читала, таа сфатила дека станува збор за многу повеќе од една шармантна детска приказна за самовили и животни кои умеат да зборуваат: во рамките на чудните авантури на Петар Пан, Бери криел длабоки видувања во човечкиот ум, и како тој се развива во текот на детството.

Таа сфатила дека Петар Пан е всушност приказна која не` учи како да размислуваме.

Резултатите од првичниот интерес сега се преточени во ново истражување, кое ги истражува карактеристиките на човечките спомени, спиењето и соновите како и мозаикот на свеста. Всушност, Ридли тврди дека многу авантури на Петар Пан укажуваат на научни теории кои се појавуваат децении откако приказните биле напишани. „Многу од работите за кои се дискутира во книгата не биле откриени се` до 1970-те“, вели Ридли.

Истражувајќи го животот на Бери, јасно е дека многу влијанија ги обликувале приказните - нешто за што биле потребни години за да стане јасни. Бери формулирал некои од елементите од авантурите на Петар Пан уште додека бил дете.

На овој начин, приказните започнале да следат традиција на големо вкрстување помеѓу уметноста и науката - особено во литературата за деца. Така на пример, книгата „Водените деца“ на Чарлс Кингсли била напишана како одговор на Дарвиновата теорија за еволуција, додека „Алиса во земјата на чудата“ биле интересно истражување помеѓу математиката и логиката. Дури и некои приказни на Ханс Кристијан Андерсен биле инспирирани од нови научни технолошки развои - како што е пронаоѓањето на домашниот микроскоп.

Ридли нагласува дека Бери не само што позајмувал идеи од другите, туку и ги разубавувал и нудел нови сознанија кои биле исклучиво негови. „Мислам дека сето тоа доаѓало преку многу набљудување на луѓето, животните и себеси.

Таа истакнува неколку интересни увидувања кои ги пронашла во самата книга.

„Г-ѓа Дарлинг за прв пат слушнала за Петар Пан, кога „го чистела“ умот на нејзините деца. Навечер, откако децата ќе заспијат, скоро секоја мајка се обидува да навлезе во нивните умови и да ги подобри работите за следното утро. Кога ќе се пробудите наутро, се` она лошо што сте го сонувале и размислувале пред да се пробудите повеќе го нема“, вели Ридли.


Фото: Youtube screenshot

Како што посочува Ридли, ова навестува остроумно разбирање на улогата на сонот во одржувањето на меморијата. Идејата за прв пат се појавила кон крајот на 19-от век, меѓутоа сега е предмет на значителни научни истражувања. Скенирањето на мозокот за време на спиењето го покажува „бавниот бран“ на електрични сигнали помеѓу хипокампусот (кој е поврзан со меморијата) и неокортексот на површината на мозокот, каде мемориите се чуваат долгорочно.

Бери исто така е извонредно елоквентен во транзицијата помеѓу будењето и спиењето.

Голем дел од заплетот на Петар и Венди се случува во Недојдија - фантастичен остров до кој децата можат да дојдат преку нивната имагинација - а најлесно да се стигне до него е во зоната на самракот. „Кога преку ден играте со столчиња и чаршаф“, пишува Бери. „две минути пред да заспиете, се` станува толку реално“.

Овие ултра-живи слики на работ на сонот сега се познати како „хипнагогични слики“ и тие може да се резултат на скок во регионот на мозокот одговорен за визеулна обработка, како што мозокот се исклучува за спиење.

Голем дел од искуствата на децата може да бил инспириран од нарушувањата во спиењето на Бери. Тој повремено страдал од „парализа во спиењето“ - чувствувате дека сте будни но не можете да се подмрдните. Често ова може да биде придружено со чудни халуцинации, кои Бери ги опишал како присуство на безоблична маса која го притиска.

„И јас го имам доживеано неколку пати и можам да ве уверам дека е доста непријатно“, вели Ридли. Таа укажува дека тоа се одразува во детските искуства кога летаат во Недојдија.

„Ништо лошо не беше видливо во воздухот, но сепак нивниот напредок беше бавен и напорен, како што се движеа кон непријателските сили. Понекогаш тие висеа во воздухот додека Петар го тепаше со тупаници“.

Но, една од најсофистицираните забелешки на Бери се врти околу една од најголемите дебати.

После теоријата на Дарвин за природната селекција, научниците започнале жестока дебата за начинот на кој нашите софистицирани умови се разликуваат од другите животни - и причините зошто кај нас еволуирале вештините.

Одговорот на Бери може да се најде во романот Петар Пан од 1906 година во Кенсингтон Гарденс, во кој е прикажан животот на Петар пред да ја запознае Венди.

Таму може да се сретне ликот Соломон Кау, една врана со невообичаено софистициран ум. За разлика од другите животни, Соломон може да планира за иднината, да собира плодови како еден вид „фонд за пензија“ за длабоката старост.

Разликата е најочигледна кога Петар ги моли птиците да изградат брод за него за да може да плови низ езерото. И додека Соломон може да сфати за што друго би можело да се користи гнездото, другите птици се збунети: тие не можат ни да си замислат гнездото да биде искористено во нова ситуација за нова намена.


Оваа таканаречена „секундарна репрезентација“ го збогатува нашето однесување, овозможувајќи ни да бидеме поинвентивни  и флексибилни и да реагираме и да се адаптираме на нашите околности.

Долго време се мислело дека овој капацитет бил уникатен за човекот, меѓутоа неодамнешните наоди укажуваат дека може да се најде во одредена група животни - вклучувајќи го и видот каков што бил Соломон. Бери уште еднаш бил пред своето време, замислувајќи преклопување на оваа способност на луѓето со другите видови.

Петар исто така се бори со „теорија на умот“, капацитетот да се разбере дека друга гледна точка може да биде сосема различна од сопствената. Сето ова одразува некои основни идеи во модерната развојна психологија.

„Модерната структура за тоа како правиме ментални репрезентации постои во книгите на Бери од 1900“, вели Ридли.

Како што вели таа, научниците и писателите денес имаат многу што да научат од богатата размена на идеи на книгите од крајот на 19-от век. Ригорозните научни истражувања не мора да се во спротивност со имагинацијата.

Како што пријателката Синтија Аскуит напишала после смртта на Бери: „Тој често умееше да талка во некоја граничен појас помеѓу фантазијата и фактот. За него границата помеѓу овие две сфери не беше многу јасно означена“.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура