X
 04.09.2025 Живот

НАСА бара волонтери што ќе ја следат историската мисија „Артемис II“

НАСА бара волонтери за поддршка од Земјата за својата следна мисија. 

„Артемис II“, планирана за април 2026 година, ќе носи четворица астронаути на 10-дневно патување до Месечината, што ќе биде првпат луѓе да патуваат надвор од орбитата на Земјата од времето на програмата „Аполо“.

Волонтерите што располагаат со добро опремени станици на Земјата можат да се пријават за следење на вселенското летало „Орион“ преку радиосигнали за време на патувањето на четворицата астронаути низ вселената.

Заинтересираните можат да се пријават преку официјалната владина веб-страница, но потребна е експертиза во снимање и постојано следење на сигналите на „Орион“.

Патувањето на „Артемис II“ вклучува: орбитирање околу Земјата, четиридневно патување кон Месечината, прелетување и враќање назад. Волонтерите ќе го следат радиосигналот на „Орион“ и ќе ги бележат податоците за неговото движење.

Програмата „Артемис“ е дел од пошироката цел на НАСА да се врати на Месечината и во иднина да испрати луѓе на Марс.

nasa
Фото: NASA

Зошто НАСА бара волонтери?


Овој начин на колективно собирање ресурси не само што го зголемува интересот на јавноста, туку служи и како бесплатно маркетиншко истражување. Како што НАСА се отвора кон комерцијални соработки, како соработката со „Спејс екс“, ќе треба да ги тестира приватните инструменти за следење.

- Со тоа што ѝ ја нудиме оваа можност на пошироката аерософтверска заедница можеме да откриеме достапни капацитети за следење кои се надвор од владините ресурси - изјави Кевин Когинс, заменик-администратор за вселенска комуникација и навигација на НАСА.

Сличен пристап беше користен во 2022 година за „Артемис I“, кога 18 волонтери успешно ги следеа сигналите на беспилотното летало „Орион“ за време на 25-дневното патување до Месечината и назад.

„Артемис“ II ќе служи и како проверка на системите и опремата за идно истражување на длабоката вселена. Астронаутите Рид Визман, Виктор Гловер и Кристина Хамок Коч од САД, заедно со канадскиот астронаут Џереми Хансен, ќе патуваат со „Орион“.

Кој може да аплицира?

Приватни организации, меѓународни вселенски агенции и академски институции ќе бидат најверојатни кандидати. Волонтерите треба да имаат станици способни да го примаат специфичниот радиофреквенциски сигнал на „Орион“.

Иако е мала веројатноста да биде избран радиооператор аматер, во претходната група за „Артемис I“ беа избрани двајца аматери.

Извор: Nypost.com
Фото: NASA
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот