Замислете вселенска мисија на Марс која трае со месеци, а на менито е топла, свежо испечатена пица. Токму тоа е целта на експериментот на НАСА со 3Д-печатење на храна, со кој сака на астронаутите да им обезбеди поразновидна и нутритивно побогата исхрана.
Уште во 2013 година НАСА додели грант од 125.000 долари на компанијата „Системс & материјалс рисчр корпорејшн“ предводена од инженерот Анџан Контрактор. Неговата задача била да развие прототип на 3Д-печатач за храна способен да создаде пица. Технологијата функционира така што печатачот ги нанесува слоевите на тесто, сос и протеини, додека микронутриентите, аромата и мирисот се додаваат со посебен „инкџет“ систем.
Прототипот беше претставен на саемот „Мејкр фер“ во Рим во 2014 година. Демонстрацијата покажа како дехидрираните состојки од капсули се мешаат, се нанесуваат во слоеви и делумно „се печат“ веќе за време на процесот на печатење, кој трае околу седум минути. Предноста на системот е долгото траење на состојките, што е клучно за долги вселенски мисии.
Комерцијална примена
Подоцна Контрактор ја основа компанијата „Бихекс“, која продолжи да ја развива технологијата и за цивилна употреба. Така, печатачите на „Бихекс“ денес можат да печатат пици слој по слој - од тесто, преку сос, до сирење и преливи и се користат во воени и комерцијални цели.
Технологијата на „Бихекс“, инспирирана од проектот на НАСА, може да печати не само пици, туку и чоколади, колачи и други слатки.
Она што започна како експеримент на НАСА за астронаутите, би можело да го промени начинот на кој јадеме и на Земјата.
3Д-печатачите за храна не само што ветуваат поразновиден менито во вселената, туку, според експертите, можат да бидат решение и за глобалната криза со храна, овозможувајќи брзо производство на оброци од локално достапни состојки со минимален отпад.
Извор:
Avaz.ba
Фото: Screenshot/YouTube