X
 05.02.2020 Технологија

Холанѓаните со паметен дизајн на оранжерии го хранат целиот свет

Холандија е втор најголем извозник на земјоделски производи во светот, а тајната на нејзиниот успех лежи во употребата на архитектонски иновации.

Овој рејтинг на Холандија всушност е извонреден кога ќе се земе предвид дека пред неа само САД имаат 237 пати поголемо обработливо земјиште. И покрај овие разлики, Холандија во 2017 година извезе земјоделски производи во вредност од речиси 100 милијарди долари и дополнителни производи поврзани со земјоделството во износ од 10 милијарди долари.

Значително влијание за успехот на Холандија на ова поле имаат и архитектонските иновации, што најдобро може да се види од воздух. Имено, на фотографиите на Том Хеген од серијата „Гринхаус“ може да се видат многубројни пространи оранжерии, од кои некои покриваат површина од 70 хектари и секако доминираат во архитектонскиот пејзаж на југот на Холандија. Интересно е што оваа земја под оранжериите има површина од 93,3 квадратни километри.

Во регионот Вестленд, кој „Нешнл џиографик“ го нарече престолнина на оранжерии, оранжериите го имаат исполнето секој дел од земјата меѓу градовите, предградијата и индустриските зони. Според нивните описи, оранжериите се состојат од огромни огледала кои ја рефлектираат дневната светлина од сонцето, додека навечер сјаат со својата внатрешна светлина.

Во внатрешноста на овие оранжерии земјоделците имаат воведено технологија на хидропоничен систем, како и геотермална енергија за да генерираат екстремно високи приноси со што помала потрошувачка на ресурси. На пример, холандските оранжерии користат 1,1 литар вода за да произведат домат, за разлика од просечната глобална потрошувачка од 27,3 литри за истото производство. Притоа, холандските земјоделци произведуваат преку 100 милиони домати годишно на 14 хектари, што е овозможено со помош на системи на затворено опкружување каде што строго се контролираат температурата, влажноста и употребата на пестициди.

2
Фото: Shutterstock/Rudmer Zwerver

Одржлива архитектура

Таквиот систем е постигнат преку добра и одржлива архитектура. Покривите со дупло стакло овозможуваат задржување на топлината, додека челичните конструкции овозможуваат лесно проширување и приспособување на просториите без да се наруши протокот на природна светлина.

Без пестициди и антибиотици

Структурите изградени низ цела Холандија се резултат на договорот во областа на одржливоста. Во првата деценија на 21 век Холанѓаните на национално ниво се посветија на нова форма на одржливо земјоделство. Еден од најголемите резултати беше целосна елиминација на пестицидите од оранжериите и намалена употреба на антибиотици за 60 отсто.

Како што се развиваат нови технологии и системи, Холанѓаните ги следат за што е можно повеќе да го развиваат земјоделството и да нахранат што е можно поголем број луѓе во Холандија и на глобално ниво. Ваквата архитектонска трансформација во областа на земјоделството и зголемената желба за контролирано земјоделство ќе продолжат да се развиваат, имајќи предвид дека до 2050 година околу 10 милијарди луѓе ќе живеат на планетата. Ќе има зголемена потреба за подобри земјоделски приноси, но и императив за помала употреба на вода, енергија и земјиште.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија