X
 05.04.2019 Наука

Фројд и селфито: Што тој би мислел за нашата опсесија?

Да е жив, што би мислел Фројд за нашата опсесија со селфи-фотографирањето? Психологот и писател Томас Каморо-Премјузик дава одговор на ова прашање.

Одите на убаво место во светот и гледате луѓе што се фотографираат себеси. Денес на селфито гледаме како на некоја нова појава - изразот „селфи“ влезе во Оксфордскиот речник во 2013 година и за брзо време стана збор на годината. Но, селфито е старо колку и фотографиите. Првото селфи било направено во 1839 година од Американецот Роберт Корнелиус.

Но зошто да направиме селфи кога едноставно можеме да си се восхитуваме себеси секоја вечер во огледало?

Малку е чудно, нели?

Кој подобро би знаел да го објасни нашето уникатно човечко однесување од Фројд?

Ако се сакам себеси, ќе ме сакаш и ти

Фројд е творец на психоанализата, а популаризирал и различни концепти како егото, потсвеста и одењето на терапија. Една од тие идеи е претераната љубов кон себеси, позната како нарцизам.

Во грчката митологија Нарцис еднаш одел покрај реката и одлучил да се напие малку вода. Го видел својот одраз во водата и поминал толку време восхитувајќи се на сопствената убавина, што изгубил претстава за тоа што се случува околу него.

На крај се удавил обидувајќи се да го прегрне својот одраз.

Фројд вели дека да се сакаш себеси е природно. Но, може да се претвори во психолошко нарушување кога некој се сака себеси до таа мера што ги исклучува сите други. И тоа е она што го нарекуваме нарцизам.

Тестови


Психолозите имаат развиено тестови за мерење на нарцизмот. Ова се некои резултати:

- Нарцисите обично се поактивни на социјалните мрежи;
- Ставањето селфи-фотографии се поврзува со претераното сакање на себеси

... но само кога станува збор за мажите.

Жените се помалку склони кон нарцизам од мажите, иако ставаат повеќе селфи-фотографии.

Од друга страна, американскиот психолог Џин Твенге покажа дека нарцизмот е во сè поголем пораст: во изминатите неколку децении достигнал иста стапка како и дебелината.

Повеќето идеи на Фројд настанале од неговите секојдневни набљудувања, а количината на информации до кои денес имаме пристап би била интересна за некој како него.

Фројд би сакал да го анализира феноменот селфи. Би забележал дека луѓето ставаат селфи-фотографии не затоа што се вљубени во себеси, туку затоа што сакаат сите други да бидат заљубени во нив.

Внимание


Да не заборавиме дека Фројд ги започнал своите истражувања кон крајот на 19 век во времето на далеку поголема сексуална репресија. Жените и мажите се чувале одвоени и биле учени да се срамат од истражувањето на својата сексуалност или уште полошо, поради уживање во неа.

Многу пациентки на Фројд од виенското високо друштво пателе од „хистерична парализа“, односно биле неспособни да одат, без никаква физичка причина. Фројд сметал дека причината поради која овие жени не оделе била барање внимание.

Ако вниманието на другите луѓе ни е толку потребно, не е подобро да се споделат неколку бесрамни селфиња? Можеби е, но тоа не значи дека не постои нешто нездраво во оваа опсесија, не само за оние што сликаат селфи, туку и во односот на тоа како селфи-фотографиите влијаат врз другите.

Селфи-фотографиите ги покажуваат луѓето што живеат најдобри животи и внимателно ги избираат и средуваат. Опкружени сме со слики на луѓето со совршени животи и тела.

Новите истражувања покажале дека поради нив, се чувствуваме сè позавидливо, поизолирано, несигурно и несоодветно.

Според зборовите на Фројд, туѓото селфи нè прават невротични.

Фројд рекол: - Целта на психоанализата е да го замени невротичното патење со нормална човечка несреќа.

Следниот пат кога ќе посакате да си направите селфи, сетете се на Нарцис и наместо селфи, насочете се на пријателите.

Можеби нема да добиете толку лајкови колку што сакате, но ќе го добиете одобрението на Фројд и тоа би требало да ви биде доволно.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука