X
 05.08.2023 Живот

Овие работи не смеете да ги правите кога има грмотевици

Невреме со грмотевици често се случува во текот на летните месеци како резултат на комбинацијата од високата влажност и атмосферската нестабилност. Всушност, 73 отсто од смртните случаи од удар на гром се случуваат во јуни, јули и август. Но, постојат неколку начини на кои можете да се заштитите при силни грмотевици ова лето, според американскиот Црвен крст. Обидете се да ги одбегнувате следните работи за време на бура со грмотевици.

Не приближувајте се до вода од каков било вид

Водата спроведува струја и капењето на отворено при невреме е опасно. Освен тоа, не се препорачува ниту туширање и капење во домот, како и миење садови или друг контакт со вода во домот.

Не користете електроника

Вклучените електронски уреди се уште еден извор на опасност при невреме со грмотевици. Не допирајте електронски уреди низ кои тече струја како компјутер, телевизор, машина за перење садови или сушење и други уреди. Струен удар може да ги оштети електронските уреди дури и кога уредот е исклучен, па затоа треба да ги исклучите од струја сите електронски уреди.

Не приближувајте се до камин

Камините се уште еден неочекуван извор на опасност во домот за време на грмотевици. Многу од нив се изработени од метал и може да спроведуваат струја низ целиот оџак во домот.

Влезете внатре

Кога грми, влезете во домот. Важно е да сте на затворено доколку има грмотевици, а особено е важно да не стоите на висок и отворен простор каде што вашето тело е највисока точка.

Не легнувајте на земја

Доколку се најдете на отворено при невреме со грмотевици, експертите предупредуваат да клекнете во положба на топка со свиткана глава и рацете над ушите. Доколку телото го држите ниско, помала е веројатноста дека ќе ве погоди гром. Меѓутоа, експертите предупредуваат дека оваа препорака некогаш може да доведе до забуна бидејќи лежењето на површина која е мокра може да биде опасно.


Фото: Pixabay

Не приближувајте се до дрво

Подрачјата со дрвја претставуваат друга опасност. Стеблата може да паднат или од нив може да паднат гранки, а тоа може да предизвика штета или опасност за некој под нив. Меѓутоа, доколку нема друга опција за заштита на отворено, најдобро е да се засолните под најниското стебло што можете да го најдете.

Не приближувајте се до телефонски бандери или далноводи

Ова се високи точки кои може да бидат удрени од гром. Не сакате да бидете блиску доколку се случи тоа. Освен тоа, срушените далноводи може да бидат опасни.

Не заборавајте да ги внесете работите во домот

Пред да почне невремето, важно е да ги заштитите сите предмети од дворот бидејќи невремето најчесто доаѓа со силни ветрови. Ова може да предизвика материјална штета.

Не пуштајте ги домашните миленици

Доколку невремето почне неочекувано додека сте надвор со домашен миленик, не пуштајте го животното од ременот и веднаш засолнете се. Животните може да реагираат неочекувано поради страв од грмотевиците.

Извор: Lola magazin
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот