Иконата на борачките вештини - Брус Ли, роден во Сан Франциско, ќе стане првиот Американец со кинеско потекло во историјата на Калифорнија кој ќе има свој официјален годишен ден.
Гувернерот Гевин Њусом во вторникот го потпиша законот со кој 17 мај официјално се прогласува за Ден на Брус Ли, соопшти кабинетот на пратеникот во Собранието на Калифорнија, Мет Хејни, кој го претставува Сан Франциско.
Како осумнаесетгодишник, Ли се вратил во Сан Франциско на 17 мај 1959 година, откако детството го поминал во Хонгконг.
Ќерката на Ли, Шенон Ли, извршна директорка на Фондацијата „Брус Ли“, изјави дека ова признание е потврда за трајното наследство на нејзиниот татко како мост меѓу културите.
- Од младите луѓе кои благодарение на неговата филозофија најдоа самодоверба и нови можности, преку семејствата кои конечно се видоа претставени на екранот, па сè до спортистите кои и денес црпат инспирација од неговите учења за дисциплината и внатрешната сила, неговото влијание е исклучително длабоко - наведе Шенон Ли во соопштението.
Хејни го нарече Брус Ли олицетворение на најдобрите вредности на Калифорнија.
- Кога Американците со азиско потекло беа отсутни од екраните или прикажувани преку стереотипи, Брус Ли им помогна на генерациите да се видат себеси претставени со сила и достоинство - рече тој во соопштението, пренесува Асошиејтед прес.
Фондацијата „Брус Ли“ и различни организации на Американци со азиско потекло се надеваат дека Денот на Брус Ли секоја година ќе се одбележува со доброволни комеморативни активности низ државата, како што се културни изложби, јавни настани и наставни програми во училиштата.
Родителите на Ли биле на турнеја во Америка, настапувајќи со опера во 1940 година, кога тој се родил. Поради местото на раѓање, стекнал американско државјанство, но неколку месеци подоцна семејството се вратило во Хонгконг, каде што Ли станал детски актер и почнал да учи кинески кунг-фу.
Во Соединетите Држави се вратил во 1959 година, а по две години се запишал на Универзитетот Вашингтон во Сиетл. Студиите не ги завршил, туку целосно се посветил на вежбањето и на предавањето борачки вештини. Во текот на шеесеттите години на минатиот век, Ли нашол ангажмани во Холивуд, каде што е најпознат како Като во телевизиската серија „Зелениот стршен“. Сепак, филмските студија сакале тој да игра стереотипни улоги, а за својата работа бил помалку платен од неговите бели колеги.
Поради тоа, се вратил во Хонгконг, каде што набрзо станал мегаѕвезда на филмовите за борачки вештини, вклучувајќи ги „Големиот газда“ и „Тупаница на гневот“.
Брус Ли почина во 1973 година, во 32-та година од животот, по алергиска реакција на лек против болки.
Неговото име и лик и понатаму се многу популарни. Обожавателите се собираат за одбележување на неговиот роденден, а концептот за акционата телевизиска серија што своевремено ја напиша послужи како инспирација за серијата „Воин“ на Ејч-би-о макс.
Фото: принтскрин/јутјуб