X
 05.08.2026 Живот

Македонија пред Бугарија, но зад Србија и Црна Гора: Големи разлики во минималните плати во Европа

„Евростат“ ги објави најновите податоци за минималните заработки во Европа за втората половина од 2026 година, кои покажуваат дека само 8 од 29 анализирани земји го зголемиле минималецот меѓу јануари и јули. Со инфлацијата во еврозоната од 3,2 отсто во истиот период, работниците на минималец во повеќето европски земји забележаа пад на реалната куповна моќ.

Податоците откриваат огромни распони во номиналните износи, но и значително поинаква слика кога во предвид ќе се земе паритетот на куповната моќ каде што поединечни земји-кандидатки се рангираат подобро од полноправните членки на Европската Унија.

Од 169 евра до 2.771 евро

Во номинални износи, Луксембург и понатаму има убедливо најголема бруто-минимална плата во Европа од 2.771 евро. На дното на листата во ЕУ се наоѓа Бугарија со 620 евра, додека Украина ја има најниската минимална плата на континентот со само 169 евра.

Пет земји во Европа имаат бруто-минимална плата над 2.000 евра:

Луксембург: 2.771 евро
Ирска: 2.391 евро
Германија: 2.343 евра
Холандија: 2.338 евра
Белгија: 2.234 евра

Следуваат Франција со 1.867 евра и група земји со минималци меѓу 1.000 и 1.500 евра: Словенија (1.482 евра), Шпанија (1.425 евра), Литванија (1.153 евра), Полска (1.119 евра), Кипар (1.088 евра), Грција (1.073 евра), Португалија (1.073 евра) и Хрватска (1.050 евра).

Каде се наоѓа Македонија?

Северна Македонија со минимална бруто-заработка од 624 евра се наоѓа во групата земји со минимална плата под 1.000 евра. Иако заостанува зад дел од земјите од регионот, таа се наоѓа пред неколку европски држави:

Србија: 743 евра
Црна Гора: 670 евра
Северна Македонија: 624 евра
Турција: 621 евра
Бугарија (членка на ЕУ): 620 евра

Кога номиналните плати ќе се прилагодат според стандардот на куповната моќ (ПКМ), кој покажува што работниците реално можат да си дозволат со својата плата во сопствената земја, разликите меѓу државите значително се намалуваат.

Иако минималната плата изразена во евра е пониска од онаа во дел од европските земји, поради различните трошоци за живот и ценовни нивоа, реалната куповна моќ може да даде поинаква слика за животниот стандард.

Според куповната моќ, Германија се најде на 1. место (2.164 ПКМ), пред Луксембург (2.108 ПКМ), Холандија (2.023 ПКМ), Белгија (1.922 ПКМ) и Ирска (1.756 ПКМ).

Интересно е тоа што во категоријата ПКМ, Македонија и Србија котираат подобро од дури четири членки на Европската Унија.

Најголеми скокови на листата на куповна моќ забележаа Романија (скок за 8 места, на 12. позиција) и Македонија (скок за 8 места). Од друга страна, најголем губитник е Естонија, која поради високите трошоци за живот падна од 16. на 26. место во ЕУ.

Инфлацијата ги изеде покачувањата

Само осум земји ги ги зголемија минималните заработки во локалните валути од почетокот на годината. Најголем раст забележаа Македонија (6,9 отсто), Романија (6,8 отсто), Естонија (6,8 отсто) и Белгија (5,8 отсто).

Во сите останати земји минималците останаа замрзнати, што предизвика пад на животниот стандард кај најранливите категории на работници. Посебно драстичен пример е Турција, каде што шестмесечната инфлација достигна 17,8 отсто, а минималецот се усогласува само еднаш годишно што тешко погоди скоро 40 отсто од турските работници кои примаат минимална плата.

Пет земји од Европската Унија воопшто немаат законски дефинирана минимална плата: Италија, Данска, Шведска, Австрија и Финска.

Извор: BIZlife.rs
Фото: Magnific

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот