Електричните возила на „Шаоми“ станаа хит, но компанијата не може да ги произведе доволно брзо. Брендот испорача повеќе од 30.000 возила во август, втор месец по ред со толку високи бројки. Тоа е значајно достигнување за производител кој го претстави својот прв автомобил пред една година.
Главната причина за бумот во продажбата е „ЈУ7“, првиот електричен СУВ на „Шаоми“. Моделот беше лансиран на 26 јуни и веднаш привлече огромен интерес. Во првите три минути од продажбата беа регистрирани 200.000 нарачки, а во рок од 18 часа бројот порасна на повеќе од 240.000. Неговата цена се движи од 30.330 до 39.490 евра. Возилото е базирано на модерна 800В архитектура и нуди опсег од 760 до 835 км со едно полнење.
Но, популарноста на автомобилот создаде проблем со испораките. Според официјалната апликација, клиентите мора да чекаат до 56 недели. Дизајнирањето атрактивно електрично возило е еден предизвик, но обезбедувањето доволни количини е вистинската пречка.

Од компанијата се обидуваат да ги задоволат барањата. Во јули започнаа со регрутирање голем број вработени, а во јуни обезбедија локација за третата фаза на изработка. Првата фабрика е веќе оперативна, но потребно е проширување за да се скратат долгите времиња на испорака.
Покрај продажбата, „Шаоми“ силно го проширува и своето физичко присуство. Само во август беа отворени 18 нови продавници, со што вкупниот број достигна 370 во 105 кинески градови. Производството се забрзува, а мрежата на изложбени салони расте, па затоа брендот има цел да доминира во индустријата за електрични возила.
Основачот Леи Џун јавно постави цел од 350.000 возила за 2025 година. Во рамките на компанијата очекувањата се уште поголеми - помеѓу 400.000 и 500.000 единици следната година, со потенцијал да се надмине границата од 800.000 возила до 2027 година.
Извор: preporucamo.com
Фото: Freepik/YouTube screenshot